ПРАТЕНИЦИТЕ ПРВИ ДОБИЈА ОДМРЗНАТИ ПОВИСОКИ ПЛАТИ, ПО ОКОЛУ 17.000 ДЕНАРИ ПЛУС ЗА ОСУМ ДЕНА ВО МАРТ

    ПРАТЕНИЦИТЕ ПРВИ ДОБИЈА ОДМРЗНАТИ ПОВИСОКИ ПЛАТИ, ПО ОКОЛУ 17.000 ДЕНАРИ ПЛУС ЗА ОСУМ ДЕНА ВО МАРТПратениците велат дека кога пред повеќе години бил замрзнат коефициентот, нивната плата била 8 просечни, а денеска е во висина на три просечни плати. (Фото: СДК.МК)

    Пратениците вчера земале зголемена плата, не во цел износ туку околу 17.000 денари плус, колку што чинат осумте дена откако Уставниот суд го одмрзна коефициентот за пресметување на примањата на избраните и именуваните лица на функции.

    „Точно е дека први од категоријата избрани функционери зедовме зголемена плата, пресметан износ за осум дена. Кога пред повеќе години бил замрзнат коефициентот, пратеничката плата била 8 просечни, денеска е во висина на три просечни плати“, вели пратеник со кој разговараше САКАМДАКАЖАМ.МК , кој замоли да не му го споменуваме името поради политичката сензитивност на темата.

    Пратеникот смета дека ситуацијата со покачувањата, не е решена. Работничките плати се ниски во споредба со нивните, но нивните пак се многу помали од тие на директорите.

    На пример, вели соговорникот, директор на Водовод зема 90.000 денари плата, а исто толку и директори на други јавни претпријатија, плус кола, возач, дневници за патувања. Членовите на регулаторните комисии и на АЕК, тврди тој, земаат повисоки плати од пратениците.

    Тој ги спомена и платите на лекарите. На пример, вели тој, пред да дојде СДСМ на власт анестезиолозите во јавното здравство имаа 50.000 денари, а сега 130.000 денари плата.

    „Има директор на јавно претпријатие и директор на државна агенција, кои земаат месечно по 200.000 денари плата, многу повеќе од претседателот на државата, од премиерот. Затоа ќе иама и системски промени, односно решенија, да се запре со овие забегувања“, вели пратеникот.

    Со минатонеделната одлука на Уставниот суд за укинување на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица се одмрзнуваат платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани. Досега, нивните плати се одредуваа со коефициент (во зависност од функцијата) кој се множеше со фиксна основица од 26.755 денари.

    Отсега, основица ќе биде просечната плата остварена во претходната година што ја утврдува Државниот завод за статистика, како што е утврдено со член 11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, и на тој начин се одмрзнуваат платите на функционерите.

    Подносител на иницијативата за одмрзнување на платите на функционерите пред Уставниот суд беше адвокат Бојан Стојевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира