ПРЕДЛОГОТ НА СИЛВА И ВАРХЕЈИ Е ДОБРА ОСНОВА ЗА РЕШАВАЊЕ НА СПОРОТ СО БУГАРИЈА И НЕ НАВЛЕГУВА ВО ИДЕНТИТЕТСКИ ПРАШАЊА, КАЖА ЗАЕВ

    ПРЕДЛОГОТ НА СИЛВА И ВАРХЕЈИ Е ДОБРА ОСНОВА ЗА РЕШАВАЊЕ НА СПОРОТ СО БУГАРИЈА И НЕ НАВЛЕГУВА ВО ИДЕНТИТЕТСКИ ПРАШАЊА, КАЖА ЗАЕВПортугалскиот министер за надворешни работи Аугусто Силва и македонскиот премиер Зоран Заев на денешната средба во Клубот на пратеници. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Предлог решенијата за надминување на проблемот помеѓу Македонија и Бугарија кои имаат за цел да гo деблокираат отворањето на пристапните преговори на земјата со ЕУ се добра основа, кажа премиерот Зоран Заев по денешната средба со португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Заев вели дека она што му било презентирано од Силва и Вархеји е со ова предлог решение не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што е задоволена македонската круцијална позиција.

    „Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија. За нас, особено важно е што со ова предлог решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија“, изјави Заев по средбата во Клубот на пратеници во Скопје.

    Тој рече дека со тимот во Владата задолжен за преговорите, со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе ги разгледа сите детали од предложеното решение.

    Силва, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, и Вархеји претходно денеска беа и во Софија, каде што се сретнаа со целиот државен врв. Двајцата одржаа заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Светлан Стоев, кој кажа дека не треба да се очекува промена на политиката на Бугарија кон Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира