ПРЕНТОВИЌ ГИ ИЗНЕРВИРА ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ СО БАРАЊЕТО ВЕЉАНОСКИ ДА СЕ ИЗВИНИ ЗА НАСИЛСТВАТА ВО СОБРАНИЕТО НА 24 ДЕКЕМВРИ И НА 27 АПРИЛ

    ПРЕНТОВИЌ ГИ ИЗНЕРВИРА ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ СО БАРАЊЕТО ВЕЉАНОСКИ ДА СЕ ИЗВИНИ ЗА НАСИЛСТВАТА ВО СОБРАНИЕТО НА 24 ДЕКЕМВРИ И НА 27 АПРИЛТрајко Вељаноски како сведок на судењето на организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година со дискусијата за новата министерка за финансии Нина Ангеловска ги разбуди спомените на пратениците од СДСМ за неговото учество во 24 декември 2012 и 27 април 2017 година (Фото: СДК.МК)

    Пратеничката Татјана Прентовиќ од СДСМ побара од поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски да се извини што даде наредба за тепање на пратениците и исфрлање на новинарите од Собранието на 24 декември 2012 година кога се носеше буџетот со задолжувањата за спомениците, да даде појаснување, како што рече, за убиството на Мартин Нешковски и да се извини за тоа што придонел за насилствата на 27 април 2017 година, за кои е обвинет како организатор.

    Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ експлодираа од место. Почнаа да викаат од место, па претседателот Талат Џафери мораше да интервенира, апелирајќи првин до пратеничката Прентовиќ да се држи до темата избор на влада.

    Прентовиќ извинувањето од Вељаноски го побара во реплика откако тој побара да ѝ се даде на Ангеловска барем една недела да биде министерка, а не веднаш да потпише во вторник спремен ребаланс на буџетот, кој таа не го направила.

    „Не ги слушајте премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев кога ќе ви вршат притисок за потпишувате тоа што нема да сакате да го потпишете, избегнете ги нивните притисоци и одбијте ги, зашто вие како министерка за финансии ќе бидете виновна за тоа што ќе го потпишете и тие кога треба, ќе ви свртат грб и ќе речат виновна е таа. Немојте да изгорите во нивните политички игри“, ја советуваше Трајко Вељаниски од ВМРО-ДПМНЕ предложената министерка за финансии Нина Ангеловска.

    Вељаноски никогаш во 11-годишното владеење го немаше предупредено Зоран Ставрески да не подлегнува пред притисоците на Никола Груевски ниту за милијардата за спомениците, ниту за друго кое беше непродуктивен трошок за кое Македонија се задолжуваше и се задолжуваше.

    Од бомбите јавноста слушна од Ставрески дека му идело телефонот да му го лупне од глава на шефот Груевски поради притисоците што му ги прави, а за проектите и задолжувањата рече: „Ние немаме леб, за чоколада трошиме. Ние сме лудаци!“

    За 24 декември Вељаноски и Јанкулоска ја викнаа полицијата да ги тепа пратениците од СДСМ за да го донесе со сила Буџетот, а Ставрески со рака и мафташе на полицијата да го убрза исфрлувањето на пратениците. За 27 април е еден од обвинетите организатори, кога како претседавач дозволуваше маратонски мотивирачки говори на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за насилство и упад во Парламентот, недозволувајќи два месеца да се избере претседател на Собранието од новото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ.

    Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа да не се лепат етикети за Вељаноски, додека не се донесе судска пресуда. Веднаш потоа продолжија со спомнувањето на аферата „Рекет“, која е во фаза на истрага, како впрочем и цело време овие два дена.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира