Препораката на ОБСЕ/ОДИХР е стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на локалните избори на најмногу еден отсто од избирачите во општината, што е во спротивност со тврдењата на Владата и Министерството за правда дека предложените измени на Изборниот законик се во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Предлогот на Владата и Министерството за правда, кој веќе е влезен во собраниска процедура, предвидува независните кандидати на локалните избори да треба да соберат потписи од два отсто од избирачите во општината. Дополнително, ОБСЕ/ОДИХР препорачува да се поедностави процесот на собирање потписи, бидејќи, според нив, потпишувањето пред претставници на Државната изборна комисија во некои средини може да има одвраќачки или застрашувачки ефекти врз некои гласачи, нешто што не е предвидено во предложените измени на Изборниот законик.
„Од независните кандидати се бара да ја поддржат кандидатурата со потписи од 100 до 1.000 гласачи, зависно од бројот на гласачи во општината, што е еквивалент на 0,2 до 4,8 проценти од лицата со право на глас што живеат во односната општина. Ова се одразува на еднаквоста на можносите на граѓаните да бидат избирани и е спротивно на добрата пракса, што препорачува дека потписите за поддршка не треба да надминат еден процент од регистрираните гласачи. Позитивно е што, како што е претходно препорачано од ОБСЕ/ОДИХР, гласачите може сега да се потпишат за поддршка на повеќе од еден кандидат. Сепак, потписите и натаму треба да се прибираат во присуство на претставниците на ДИК. Во малите заедници, ваквите барања може да имаат одвраќачки или застрашувачки ефекти врз некои гласачи. Треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународните добри практики. Покрај ова, како што е претходно препорачано, треба да се размисли за обезбедување алтернативни методи за прибирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување“, се вели во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за последните локални избори, во 2017 година.
САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до Мисијата на ОБСЕ во Скопје и доби одговор дека препораките се тие што се наведени во извештајот.
„Мисијата на ОБСЕ во Скопје работи со владата и јавните институции на Северна Македонија на сите нивоа на поддршка на континуирано подобрување на демократските процеси. ОБСЕ/ОДИХР редовно објавува јавно достапни извештаи кои вклучуваат препораки за изборни реформи и работи во партнерство со институциите и релевантните чинители“, се вели во одговорот на Мисијата.
Премиерот Зоран Заев на 27 јули, најавувајќи ги измените на Изборниот законик, рече дека не се работи за договор помеѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, туку во изработка на предлог-законот учествувале сите политички партии и додаде дека при изработка на овие законски измени се почитувани сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, меѓу кои и препораката за унифицирање на прагот за поднесување потписи за независни листи.
Ден подоцна, министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека првичниот предлог на Министерството за правда бил процентот за учество биде 1 отсто, но на тоа, партии што не сакаше министерот да ги именува, излегле со предлози од 3 и од 5 отсто потписи обезбедени, заверени на нотар и поднесени во ДИК, па компромис бил постигнат на 2 процента.
Вчера, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека двата проценти се поради барањето на владејачките партии.