ПРЕСУДИ ЗА МИЈАЛКОВ, ТАЧИ И ИБРАИМИ НА 8 МАРТ, ЗАВРШИ СУДЕЊЕТО ЗА „ТИТАНИК 2“

    ПРЕСУДИ ЗА МИЈАЛКОВ, ТАЧИ И ИБРАИМИ НА 8 МАРТ, ЗАВРШИ СУДЕЊЕТО ЗА „ТИТАНИК 2“Обвинетите Мендух Тачи, Бедредин Ибраими и Сашо Мијалков на денешното судење за „Титаник 2“ во Кривичниот суд. (Фото: К. Попов)

    Не е точно дека Сашо Мијалков, обвинет за Примање награда за противзаконито влијание реално можел да влијае Мендух Тачи да му наложи на претставникот во ДИК од ДПА Бедредин Ибраими да одлучи во корист на кандидатот за градоначалник на Струмица Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, да гласа да се поништат резултатите на избирачко место во Струмица.

    Вака ги почна завршните зборови адвокатот на обвинетиот Мијалков во „Титаник 2“ на СЈО, укажувајќи дека во ДИК не одлучувал само Бедредин, туку и други 6 члена, кои не биле од ДПА. Управниот суд по жалба од партијата СДСМ, ја потврдил одлуката на ДИК за прегласување во Струмица, потсети адвокатот.

    СЈО обвини во овој случај и пет судии од Управниот суд, но Основниот суд Скопје 1 при оценка на обвинението ги извади своите колеги од него.

    Одбраната укажа пред судот дека ниту стекнал некаква корист за себе или за политичката партија на која и припаѓа, ниту го оштетил државниот буџет.

    „Бараме ослободителна пресуда за Сашо Мијалков“, рече адвокатот.

    Вториот адвокат го нападна обвинението на СЈО, за кое рече дека има еден куп формални недостатоци.

    „Не може да биде покренато обвинение, а уште помалку да се донесе пресуда само врз основа на еден разговор, еден незаконски стекнат аудио материјал, особено што тоа се коси со ставовите и пресудите на Европскиот суд за човекови слободи и права во Стразбур“, рече адвокатот на Мијалков Љупчо Шврговски.

    „Имам една ургенција за вас. Треба да гласате сега за нас во Струмица“, му вели во бомбата Мијалков на Тачи.

    „Сега? Одма се јавувам. За минута!“, му одговара Тачи и веднаш му се јавува на Бедредин Ибраими, член на ДИК од ДПА.

    „Ало, сега ја имате Струмица. Ќе гласаш да се поништи, пошто сме договорени за Чаир“, му вели Тачи на Бедредин, по неколку минути од разговорот со Мијалков.

    Потоа, заедно со обвинетите Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ, Бедредин гласа против својот став, што беше презентиран на видео-снимка, и заедно ги поништуваат законските резултати во Струмица.

    Одбраната на Мијалков укажа дека друг суд, во случајов Управниот, донел одлука и го потврдил гласањето на обвинетите членови на ДИК и оти е апсурдно сега друг суд, во случајов Основниот суд Скопје 1, да суди за дејство за кое суд со друга надлежност веќе донел одлука.

    Судењето за „Титаник 2“ заврши. Судијата Огнен Ставрев закажа објавување на пресудата на 8 март 2019 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира