ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ГЕВГЕЛИСКИОТ СУД ЗЛАТА ПОПОВА ДВА ПАТИ РАПОРТИРАЛА ПРЕД КАРАЏОВСКИ ЗА ПАНЧЕВСКИ

    ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ГЕВГЕЛИСКИОТ СУД ЗЛАТА ПОПОВА ДВА ПАТИ РАПОРТИРАЛА ПРЕД КАРАЏОВСКИ ЗА ПАНЧЕВСКИВчера во Гевгелискиот суд влезе највискоката судска власт предводена од Караџовски и од претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, истовремено. - Зоран Караџовски; Владимир Панчевски

    Во рок од една недела, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски два пати барал од претседателката на Основниот суд Гевгелија Злата Попова да му рапортира зошто судијката на претходна постапка од Гевгелискиот суд потпишала две наредби за претрес на канцеларијата и домот на Владимир Панчевски, на барање на СЈО.

    Како што кажа Караџовски, преку соопштение на Судскиот совет, првпат Попова реферирала пред Судскиот совет на 6 октомври, ден откако специјалната обвинителка Катица Јанева изврши претрес во домот и во канцеларијата на осомничениот експретседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски. Вториот распит врз неа и нејзината заменичка Маја Аврамова од Основниот суд Гевгелија се случил вчера, кога во овој суд влезе највискоката судска власт предводена од Караџовски и од претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, истовремено. Во соопштението на Караџовски не се споменува Вангеловски.

    Иако при првото реферирање, кога била викната претседателката Попова веднаш да дојде во Скопје, таа објаснила од каде судот ја црпел законската надлежност да издаде налози за претрес кај осомничен судија од Основниот суд Скопје 1, сепак, таа пред Караџовски и уште два члена од Советот, повторно давала отчет зошто Основниот суд Гевгелија ги издал наредбите за претрес.

    Во соопштението на Караџовски, тој не одговара на прашањата од САКАМДАКАЖАМ.МК што беа упатени до него: Зошто посетата се случи токму во Гевгелискиот суд и токму во време кога трае предистражна постапка против осомничен експретседател на суд, кај кого СЈО изврши претрес по налози потпишани од Основниот суд Гевгелија? Зошто токму највисоките претставници на судската власт во Македонија во еден ист термин отидоа во контрола на Основниот суд Гевгелија, нешто што досега никогаш не се случило во суд со ниска надлежност?

    Караџовски во соопштението хронолошки ги реди настаните и кажува дека на 06.10.2017 година (петок), во Судскиот совет одржал состанок „со мнозинството членови на ССРМ (тие што беа на работа), во врска со дејствијата преземени по издадената наредба на ОС Гевгелија“.

    Бидејќи, како што тврди Караџовски, на никој од присутните не му биле јасни причините зошто ОС Гевгелија ја издал наредбата, по телефон била повикана претседателката на ОС Гевгелија истиот ден да дојде во просториите на ССРМ и на членовите да им ја појасни состојбата на работите во врска со конкретниот настан и дејствијата преземени од страна на ОС Гевгелија.

    „Во периодот од 12 до 13 часот во просториите на ССРМ се одржа заеднички состанок во мое и во присуство на членовите на ССРМ со претседателката на ОС Гевгелија Злата Попова. Таа не запозна со начинот на кој се одвивале настаните во нејзиниот суд во врска со поднесеното барање за издавање на предметната наредба за претрес во ОС Скопје 1, давајќи свое образложение како утврдила дека ОС Гевгелија, како суд и таа како претседател на суд имаат стварна и месна надлежност да постапуваат по конкретното барање на СЈО. Во текот на разговорот, кој се одвиваше во мирна и колегијална атмосфера, претседателката на ОС Гевгелија изрази желба од страна на ССРМ да биде извршена работна посета на ОС Гевгелија и да биде извршен и увид врз предметот формиран во судот по повод барањето за издавање наредба за претрес од страна на СЈО“, вели Караџовски.

    На 09.10.2017 година (понеделник), околу 15,15 часот, вели Караџовски, од страна на судијата Владимир Панчевски до претседателот и членовите на Судскиот совет било доставено известување, со негово видување за тоа како се одвивал личниот претрес врз него во просториите на Кривичниот суд, а и за претресот во неговиот дом. Утредента на рапорт бил повикан и в.д. претседателот Стојанче Рибарев, кој беше во судот додека Јанева и тимот обвинители и истражители собирала докази од компјутерите на Панчевски и на Рибарев.

    „На 12.10.2017 година, во текот на работното време изврши работна посета на ОС Гевгелија. Бидејќи беше службено отсутна, претседателката на ОС Гевгелија телефонски беше известена за работната посета и таа за нецел час пристигна во судот. Дел од членовите од работната група извршија разговор со претседателката на ОС Гевгелија Злата Попова и со нејзината заменичка Маја Аврамова во врска со настаните на 05.10.2017 година, односно поднесеното барање за издавање наредба за претрес во ОС Скопје 1 од страна на СЈО и начинот на постапувањето на ОС Гевгелија во врска со оформениот предмет по повод тоа барање, а исто така изврши и увид во конкретниот предмет, согласно законските надлежности. Работната група се задржа во ОС Гевгелија околу два часа“, наведува Караџовски, кој 24 часа молчеше за ненадејната посета на Гевгелискиот суд и за причините за таа посета и не одговори на ниту еден од новинарите кои го бараа и него и Јово Вангеловски.

    Караџовски го завршува соопштението со народна поговорка – кој како се скроил, така ќе се искине.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира