ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ВРХОВНИОТ СУД БЕСА АДЕМИ ДОБИ ИНИЦИЈАТИВА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, ОТКАКО ПРЕДУПРЕДИ ЗА ПРИТИСОЦИ И ЗАКАНИ ОД ФУНКЦИОНЕРИ

    ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ВРХОВНИОТ СУД БЕСА АДЕМИ ДОБИ ИНИЦИЈАТИВА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, ОТКАКО ПРЕДУПРЕДИ ЗА ПРИТИСОЦИ И ЗАКАНИ ОД ФУНКЦИОНЕРИ„Политиката секогаш има потенцијал да користи влијанија на различни начини. Реално, секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и во овој правец да се користат дури и лажни вести. И затоа Судскиот совет треба да биде заштитник на судството“, кажа Адеми уште на трети ноември во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК (Фото: К. Попов)

    Член на Судскиот совет поднел иницијатива за разрешување на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, откако таа во интервју во САКАМДАКАЖАМ.МК побара одговорност од судии, предупреди на притисоци од функционери и на опасност и закани од разрешување на врховни судии.

    Ова следува само една недела откако Судскиот совет, место да го разреши на тие утврдени незаконитости апелациониот судија Енвер Беџети кој 9 месеци без причина го држел предметот на Сашо Мијалков за масовното прислушување, му изрече само парична казна од 20 отсто од платата, која е сега е 78 отсто покачена.

    Неофицијално, иницијативата ја поднел членот Миљазим Мустафа, кој не е судија, туку е избран во Собранието од актуелното мнозинство на СДСМ и на ДУИ.

    САКАМДАКАЖАМ.МК праша во Судскиот совет дали е поведена постапка за разрешување на врховен судија, па иако не спомнавме име, оттаму не потврдија, ама ниту негираа. Целиот Врховен суд зборува дека на претседателката ѝ е поведена постапка, а Советот, иако станува збор за прашање од висок јавен интерес, одбива да одговори.

    „Не можеме да потврдиме за ниту една иницијатива за дисциплинска постапка, зашто знаете дека постапката е тајна“, рекоа од Судскиот совет.

    Не е јасно кои се причините поради кои ја зема Судскиот совет на „заб“ претседателката на Врховниот суд, кој беше еден од ретките пофален во штотуку објавениот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ. Сè почна по нејзиното интервју објавено на трети ноември, кога Судскиот совет веднаш ја повика на сослушување за кажаното.

    Како претседателка на Врховниот суд, највисокиот суд во државата, право и обврска ѝ е да укаже пред граѓаните на притисоци, на закани и девијации во судството кое има рејтинг и доверба под 2 проценти.

    Таа во интервјуто во САКАМДАКАЖАМ.МК , на прашањето „Како изгледаат тие притисоци? Со уцени за разрешување ли?“, навести дека Судскиот совет се спрема да ја разреши.

    „Политиката секогаш има потенцијал да користи влијанија на различни начини. Реално, секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и во овој правец да се користат дури и лажни вести. И затоа Судскиот совет треба да биде заштитник на судството“, беше јасна Адеми.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира