ПРЕЖИВЕАНИТЕ ПАТНИЦИ ОД АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА ВО БУГАРИЈА СЕ СТАБИЛНО И ДО ПЕТОК ЌЕ СЕ ЛЕКУВААТ ВО СОФИЈА

    ПРЕЖИВЕАНИТЕ ПАТНИЦИ ОД АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА ВО БУГАРИЈА СЕ СТАБИЛНО И ДО ПЕТОК ЌЕ СЕ ЛЕКУВААТ ВО СОФИЈАНесреќата во која загинаа 45 луѓе се случи вчераутро на автопатот „Струма“ во близина на Перник (Фото: ЕПА)

    Седумтемина патници кои ја преживеаја вчерашната тешка автобуска несреќа во Бугарија се во стабилна состојба и ќе останат во болницата во Софија до петок. Ова го соопшти Министерството за здравство откако министерот Венко Филипче утрово разговарал со директорот на болницата „Пирогов“, Иван Поромански.

    „Сите пациенти се стабилно и под постојан лекарски надзор, а дадена им е и психолошка поддршка. Двајца од пациентите се оперирани, еден на ногата, друг на коленото и се чувствуваат добро. Сите ќе останат на болничко лекување во Софија до петок, по што ќе се направи план за нивни транспорт во Скопје“, соопшти Министерството за здравство.

    Несреќата на автобусот на превозникот „Беса транс“, во која загинаа 45 луѓе, се случи вчераутро околу два часот на автопатот „Струма“ во близина на Перник. Автобусот целосно изгоре, но засега е нејасно дали прво удрил во оградата, па се запалил или претходно избувнал пожар во него. Тој бил дел од групата од четири автобуси кои се враќале од организирано патување во Истанбул, каде што заминале на 18 ноември. Сите патници во автобусот биле македонски државјани, освен еден српски и еден белгиски.

    „Мислам дека институциите во Бугарија ја имаат почнато истрагата. Тука се и нашите експерти да помогнат ако е потребно. Очекуваме да бидат вклучени во процесот на идентификација на жртвите. Важно е што побрзо да заврши овој процес за да можат посмртните останки на настраданите да бидат пренесени во Скопје. Цело време сме во комуникација со бугарските институции“, кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи за МИА.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира