ПРИДОНЕСОВ ЗА СПАСУВАЊЕ НА ЖИВОТИТЕ НА ПРАТЕНИЦИТЕ НА 27 АПРИЛ, СЕ БРАНИ ЧАВКОВ

    ПРИДОНЕСОВ ЗА СПАСУВАЊЕ НА ЖИВОТИТЕ НА ПРАТЕНИЦИТЕ НА 27 АПРИЛ, СЕ БРАНИ ЧАВКОВВишото јавно обвинителство не се откажува од мерката притвор и бара Апелациониот суд да ја отфрли жалбата на осомничениот Чавков. - Полицаец му ги вади лисиците на Чавков пред јавната расправа во Апелацискиот суд (Фото: СДК.МК)

    Митко Чавков, ексдиректор на Бирото за јавна безбедност во МВР и главен осомничен за реализација на организираниот напад на Собранието на 27 април, денеска побара од Апелациониот суд Скопје да му биде укината мерката притвор. Кривичниот суд на 27 декември му ја продолжи оваа мерка за нови 30 дена.

    При нападот на Собранието, кога беа претепани и животот им беше доведен во опасност на лидерот на СДСМ Зоран Заев и другите пратеници од неговата партија, а Зијадин Села беше најтешко повреден, Чавков два и пол часа не даваше наредба полицијата да интервенира во Собранието.

    Специјалците, кои беа таму во мал број, или пееја со толпата, или ги пропуштаа насилниците со или без качулки, горе во прес салата, каде што го направија масакрот врз пратениците.

    „Ако ги видите доказите, ќе заклучите дека сум постапувал проактивно во стимулирањето на полицијата да си ја врши професионално работата од почетокот на кризата. Состојбата на 27 април ескалира во секунда. За директно раководење со сложена операција во затворен простор, дадов апсолутен придонес за спасување на животите на пратениците и нивно безбедно дислоцирање од Собранието“, рече Чавков, кој побара да му биде укината мерката притвор.

    Рече дека имал инфаркт во јуни пред апсењето, двапати излегол од Македонија на лекување и не избегал. Рече немал намера да бега. Сепак, на крајот тој го повтори ставот на матичната партија ВМРО-ДПМНЕ дека всушност со изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на 27 април, било сторени тешко кривично дело против државата, кршење на Уставот.

    Вишото јавно обвинителство не се откажа од мерката притвор и бара Апелациониот суд да ја отфрли жалбата на осомничениот Чавков, поради опасност од бегство и влијание врз сведоците за кривичното дело што го сторил.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира