ПРИСЛУШУВАНИТЕ РАЗГОВОРИ ЗА НАРАЧАНИТЕ ШАМАРИ ОД ГРУЕВСКИ ЌЕ ВАЖАТ КАКО ДОКАЗ, ОДЛУЧИ СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА

    ПРИСЛУШУВАНИТЕ РАЗГОВОРИ ЗА НАРАЧАНИТЕ ШАМАРИ ОД ГРУЕВСКИ ЌЕ ВАЖАТ КАКО ДОКАЗ, ОДЛУЧИ СКОПСКА АПЕЛАЦИЈАОбвинетиот Никола Груевски и оштетениот Андреј Жерновски по судењето за насилствата и нарачаните шамари во Центар на 28 јуни. (Фото: СДК.МК)

    Доказите од прислушуваните разговори за нарачаните јаки шамари од експремиерот Никола Груевски за градоначалникот на Центар Андреј Жерновски и за насилствата во општината во 2013 година ќе важат како доказ во судскиот процес што се води против Груевски и уште 13 обвинети во Основниот суд Скопје 1.

    Овие докази ги предложи обвинителката Фатиме Фетаи од Специјалното јавно обвинителство, но судијката Татјана Михајлова не ги прифати. Таа одлучи доказите од прислушуваните разговори кај што се слуша како Груевски нарачува еден од нивните, како што вели, да влезе внатре и на Жерновски да му удри 3 – 4 јаки шамари, да ги издвои.
    На ова Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје, кој одлуката, како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, ја донел денеска.

    „Апелациониот суд Скопје на 04.08.2017 година донесе одлука со која ја уважи жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите Скопје и го укина решението донесено од Основниот суд Скопје 1 Скопје со кое од списите на предметот се издвоени снимените материјали предложени како доказ за предметот поврзан со настаните во Општина Центар“, наведува Апелациониот суд Скопје.
    На крајот Скопска апелација заклучува: „Со оваа одлука доказите прибавени од прислушкуваните материјали можат да се употребат како доказ во кривичната постапка“.

    Извадок од разговорот меѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески во „бомбата“ за насилствата во Општина Центар, објавена од тогашната опозиција на 19 април 2015 година:

    НГ: Подготви ги Мартин и Суле да спремаат од утре да маваме.
    МЈ: Добро, ги имам материјалите…
    НГ: У петок ќе му собереме едно 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, пошо нели имаат право граѓани да влезат, па да видиме да размислиме дали еден да стане и едно три четири шамари јаки да му врзе пред сите. Не може ништо да му се напраи, нема тешка телесна повреда тука за кривична, има прекршочна само.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира