ПРИТВОР ЗА СКОПЈАНЕЦ КОЈ УКРАЛ БМВ ПРЕД ОЧИ НА ГАЗДИТЕ, ПА СЕ ТЕПАЛ СО ТРОЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ КОГА ГО ФАТИЛЕ

    ПРИТВОР ЗА СКОПЈАНЕЦ КОЈ УКРАЛ БМВ ПРЕД ОЧИ НА ГАЗДИТЕ, ПА СЕ ТЕПАЛ СО ТРОЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ КОГА ГО ФАТИЛЕОсомничениот завчеравечер кај трговскиот центар „Мавровка“ украл „БМВ икс 5“, а потоа физички нападнал тројца полицајци. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против 29-годишен скопјанец поради основано сомнение дека ги сторил кривичните дела Тешка кражба и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста, а судија на претходна постапка му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

    Како што соопшти обвинителството, осомничениот завчеравечер кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, ги забележал оштетениот и сопругата, како го паркираат нивното возилото марка „БМВ икс 5“ и откако се оддалечиле од возилото тој со калауз го отклучил возилото и заедно со уште едно засега непознато женско лице го стартувал возилото и започнал да се движи. Кога со возилото се приближил до првата крстосница бил забележан од сопствениците на возилото по што тие почнале да трчаат по возилото, го престигнале и се обиделе да го сопрат, но и покрај црвеното светло на семафорот, осомничениот продолжил со возилото во непознат правец.

    Подоцна, двајца полициски службеници со службено возило го пресретнале и се обиделе да го попречат натамошното движење во скопската населба Маџари. Во акцијата се придружило и трет полицаец. Осомничениот со возилото во движење удрил во полициско возило, за потоа и физички со боксирач со бодеж ги нападнал тројцата полицајци и им нанел телесни повреди.

    „Во полициската акција, осомничениот бил совладан и приведен со цел обезбедување на натамошниот тек на кривичната постапка. Надлежниот јавен обвинител заедно со Наредба за спроведување истражна постапка, до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за осомничениот бидејќи ценеше дека постојат опасности од бегство, дека е можно осомничениот да го повтори кривичното дело, како и дека постои оправдан страв дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци. Предлогот на јавниот обвинител беше прифатен од судија на претходна постапка кој со Решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена“, соопшти Јавното обвинителство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира