ПРИВАТНО ШКОЛО СЕ ПРИЈАВИЛО КАКО ГРАДИНКА ЗА ДА ПЛАЌА ПОЕВТИНА СТРУЈА, БИЗНИСМЕНИ ТРОШАТ МНОГУ СТРУЈА ОТИ ЗАГРЕВАТ БАЗЕНИ 

    ПРИВАТНО ШКОЛО СЕ ПРИЈАВИЛО КАКО ГРАДИНКА ЗА ДА ПЛАЌА ПОЕВТИНА СТРУЈА, БИЗНИСМЕНИ ТРОШАТ МНОГУ СТРУЈА ОТИ ЗАГРЕВАТ БАЗЕНИ Струја се троши над нормалното и за копање на крипто валути во неколку куќи во скопски село.(Фото: СДК.МК)

    Приватно училиште од Скопје се пријавило дека е градинка при приклучувањето на системот за снабдување со струја за да плаќа помали сметки, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во енергетскиот сектор. Според тарифниот систем, градинките плаќаат струја според тарифата за домаќинствата која е пониска, за разлика од училиштата кои влегуваат во категоријата на правни субјекти и плаќаат повисоки сметки.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, за да избегне плаќање повисоки сметки училиштето објектот го пријавува како градинка и на ЕВН со години им плаќа пониски сметки отколку што би требало. Ова училиште влегува во групата на големи потрошувачи на струја бидејќи месечно трошеи 40 илјади киловат часови струја, што е за десет пати повеќе од  домаќинствата кои во просек трошат по 400 киловат часови.

    Меѓу големите потрошувачи на струја по тарифа за домаќинства се и познати скопски бизнисмени кои имаат голема потрошувачка дури и за време на економската криза бидејќи загреваат и ладат надворешни и внатрешни базени. Според истите извори струја се троши над нормалното и во семејни куќи во неколку скопски села, најверојатно за копање на крипто валути.

    Од дистрибутерот ЕВН Македонија не ги коментираат ваквите информации со образложение дека дека според закон не смеат да даваат лични податоци за потрошувачите.

    „ЕВН Хоме располага само со податоци за потрошувачка за секој корисник поединечно и е надлежна за делот на мрежата до броилото, но не за потрошувачките уреди внатре во објектот. Во однос на податоците, ЕВН располага само со информации за основните податоци на клиентите, односно име, адреса и број на корисник. Согласно законите во сила и политиката на приватност, забрането е за било која компанија давател на услуги во државата, на трети лица да им сподели лични податоци за корисниците.  Потрошената електрична енергија која е тема на дискусија деновиве е уредно измерена и фактурирана, без разлика колку и на што се троши“, велат од ЕВН.

    Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во понеделникот, најавувајќи го новиот тарифник за цената на струјата кажа дека 17 семејство од Македонија трошат дури 10 отсто од струјата. Тој вели дека не е фер по иста тарифа да плаќаат струја и оние кои многу трошат и домаќинставата што штедат, се социјални случаи или струја трошат вообичаено. .

    „Блок тарифите ќе обезбедат фер цена за сите, домаќинствата кои имаат реална потрошувачка ќе бидат заштитени, додека онаму каде што има повисока потрошувачка ќе плаќаат повисока цена. Не е во ред некој ако троши десет пати повеќе и загрева и надворешни и внатрешни базени во време на енергетска криза да плаќа субвенционирана цена”, вели Бислимоски.

    Според Тарифниот систем во групата на потрошувачи „домаќинства“- потрошувачи на електрична енергија влегуваат и верските објекти, цркви, манастири и џамии во кои не се врши стопанска дејност. Покрај становите и куќите за живеење, во „домаќинства“ спаѓаат и:

    • станбени објекти за посебни намени наменети за времено сместување на лица во социјален ризик согласно со прописите за социјална заштита, како и објекти за сместување на самци,
    • ученички, студентски, работнички, воспитни и пензионерски домови, како и домови за згрижување на стари и изнемоштени лица и домови за инвалиди и терапевтски групи,
    • детски јасли, градинки, интернати и домови за згрижување на деца,
    • училишни и народни кујни,
    • едностанбени објекти во кои се врши угостителска дејност сместување на туристи,
    • хидрофори кои се користат за снабдување на домаќинства со вода за пиење,
    • уметнички атељеа, и
    • верски објекти во кои не се врши стопанска дејност.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира