Синоќа во Скопје се приведени 13 лица бидејќи правеле домашни забави што е спротивно на мерките за заштита од коронавирусот донесени од Владата. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, приведените се од две домашни забави.
Првата била на улицата Рајко Жинзифов, каде полицијата интервенирала во 02.45 часот по пријава за гласна музика. Било констатирано дека не се почитуваат мерките за заштита од ковид-19, при што осум лица биле приведени.
Во истиот период, во координација со Јавен обвинител, од Единицата за внатрешни работи Центар и интервентната полиција, во стан на улица Елисие Поповски-Марко биле затекнати пет лица кои правеле забава.
„Сите 13 лица биле лишени од слобода и приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена пријава по член 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, велат од МВР.