ПРОДОЛЖУВА РАСПРАВАТА ЗА ПРЕДЛОГОТ ЗА ИЗМЕНА НА УСТАВОТ ВО КОМИСИЈАТА ЗА УСТАВНИ ПРАШАЊА, В ПОНЕДЕЛНИК СЕДНИЦА ЗА ГЛАСАЊЕ

    ПРОДОЛЖУВА РАСПРАВАТА ЗА ПРЕДЛОГОТ ЗА ИЗМЕНА НА УСТАВОТ ВО КОМИСИЈАТА ЗА УСТАВНИ ПРАШАЊА, В ПОНЕДЕЛНИК СЕДНИЦА ЗА ГЛАСАЊЕПретседателот на Собранието Талат Џафери е и претседател на Комисијата за уставни прашања. (Фото: К. Попов)

    Собраниската Комисија за уставни прашања денес во 14 часот треба да ја продолжи расправата по Предлог за пристапување кон измена на Уставот. Се очекува расправата да заврши денес, а пленарната собраниска седница на која треба да се изјаснат пратениците дали се „за“ или „против“ уставните измени е закажана за в понеделник.

    Премиерот Зоран Заев вчера на доделувањето на државната награда „11 Октомври“  во Собранието, изјави  дека „работата ќе ја биде, само прашањето е дали брзо ќе биде, дали ќе дозволиме Македонија повеќе да не губи денови, месеци, години како што изгубила во минатото“. Тој ја повика уште еднаш опозицијата за разумност бидејќи се нема план Б ставен на маса.

    „Немаме план Б, го нема до ден денеска, нема алтернатива. Сите сме должни да се исправиме пред одговорот што ако ова пропадне, должни сме пред нашите граѓани. Ајде да ги оставиме настрана сите наши политички партии и да ја ставиме на прво место Македонија, да донесеме одлуки онака како што вреди и сме одговорни пред граѓаните“, рече Заев.

    Власта на завчерашната расправата во собраниската Комисија за уставни прашања повика на консензус за измените на Уставот, а опозицијата е против. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ  дискутираа дека немаат мандат од народот за да ги поддржат уставните измени.

    Премиерот Зоран Заев ги повика пратениците на опозицијата да дадат поддршка за уставните измени за Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО.

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на премиерот Зоран Заев му порача дека без печат на двете најголеми партии кај Македонците, Договорот од Преспа не е одржлив и не може да живее и дека алтернативата за излез од кризата е заедништво, единство и консензус.

    „Вие и Мицкоски треба да застанете позади единствено решение. Ова прашање како и на вас како и на пратениците ќе ни виси над главата цел живот“,  му рече Димовски на Заев.

    Премиерот Зоран Заев во одговорот до Димовски рече дека ако стварно ВМРО-ДПМНЕ е за заедништво, консензус и единство, тогаш верува дека се блиску до единство.

    Пратеникот на ДУИ Артан Груби рече дека ако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски тврди дека ВМРО било прво за ЕУ и за НАТО, денес имаат шанса да стават последни печат и да ги гласаат измените на Уставот.

    „Бидете тие кои што на крај ќе го заокружат тоа патешествие што го започнале тие од ВМРО во Отоманска Македонија и тие во Јужна Бановина и тие во Социјалистичка Македонија и тие во  Поранешна Југословенска  Република  Македонија и тие во Република Македонија и тие утре во Република Северна Македонија. Ставете го вие печатот, вие бидете тие што ќе го заокружите тоа што не успеаја другите пред скоро 150 години “, рече Груби и на пратениците им порача дека мора да се соочат со стравовите што ги имале.

    „Во овој случај стравот е изолацијата, а храброста е интеграцијата. Е толку едноставно и толку е црно-бело. Затоа, денес и деновите пред нас се денови за храбите жени и мажи пратеници. Тешкотиите по обичај ги спремаат луѓето за соочување  со судбината. Ние поминавме многу заедно. Поминавме отцепување од една федерација, поминавме војни и војна кај нас поминавме, поминавме и мир и немир, издржавме. Тие сме истите кои што си бевме и во Отоманска империја и во Југословенска и во Социјалистичка и во Бивша Југословенска и во сегашна Република Македонија и ќе бидиме истите и во Република Северна Македонија и ќе бидеме истите и кога ќе станеме дел од  Европската Унија“, кажа Груби.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира