ПРОДОЛЖУВАМЕ ДА ГО ДАВАМЕ „ИВЕРМЕКТИНОТ“ НА КОВИД ПАЦИЕНТИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО, ИАКО ПРОИЗВОДИТЕЛОТ РЕЧЕ ДЕКА НЕМА ЕФЕКТ

    ПРОДОЛЖУВАМЕ ДА ГО ДАВАМЕ „ИВЕРМЕКТИНОТ“ НА КОВИД ПАЦИЕНТИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО, ИАКО ПРОИЗВОДИТЕЛОТ РЕЧЕ ДЕКА НЕМА ЕФЕКТКомпанијата „Мерк “рече дека нинвиот лек „ивермектин“ не е ефикасен за третман на ковид пациенти. (Фото: Шатерсток )

    Лекот „ивермектин“ ќе продолжи да се дава кај ковид пациенти во Македонија, и покрај тоа што производителот на лекови „Мерк“ вчера објави дека не лекува ковид-19.

    Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Министерството за здравство дали ќе се менува протоколот за третман на ковид пациенти и дали ќе продолжи да се дава лекот „ивермектин“ откако производителот на лекови „Мерк“ објави дека нивната анализа на достапните податоци не ја поддржува безбедноста и ефикасноста на неговиот лек против паразити „ивермектин“ за третман на ковид-19

    „Лекот ‘ивермектин’ се користи како терапија на пациенти со лесна, средно-тешка и тешка клиничка слика. Истиот може да се употребува во домашно и болничко лекување и да се земе превентивно, исклучиво со лекарска препорака доколку лице било во контакт со ковид позитивен и се употребува само под надзор на стручни лица. Лекот има поминато низ повеќе клинички студии и во нивната евалуација има поволен ефект во третманот против ковид-1. Покрај тоа што крајните резултати на студиите сѐ уште не се објавени, се користи како опција во лекувањето на пациентите и кај многу од нив има покажано позитивен исход при правилна комбинација со други лекови, утврдена од страна на стручните лица“, вели Министерството.

    Лекот „ивермектин“, кој е одобрен во САД како бренд име „стромектол“, се користи главно за лекување на цревни паразити.

    Во мај лани, властите во боливискиот град Тринидад почнаа кампања за давање бесплатни дози на „ивермектин“ за борба против новиот коронавирус, иако Министерството за здравство на земјата го забележа недостатокот на докази за ефикасноста за третман за ковид-19.

    Компанијата рече дека нивната анализа на постојните и новите студиите за „ивермектинот“ за лекување на ковид-19 не откриле научна основа за потенцијален терапевтски ефект против респираторната болест предизвикана од новиот коронавирус.

    „Мерк“ додаде дека постои загрижувачки недостаток на податоци за безбедноста во повеќето студии за тестирање на „ивермектин“ за лекување ковид-19, и предупреди против употребата на лекот вон неговото користење за антипаразитски третман.

    Во Македонија, на 12 јануари матичните лекари преку Лекарската комора добија протокол за употреба на лекот „ивермектин“ кај пациенти со ковид-19, откако беше изготвен од стручниот колегиум на Клиниката за пулмологија и алергологија и ковид-19 центрите при интернистичкиот блок.

    „Ивермектинот“ не е на позитивната листа на лекови кои потпаѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување, а чини 300 денари. Согласно решението на Агенцијата за лекови МАЛМЕД, овој лек се издава исклучиво на рецепт и се применуваат одредбите за издавање на розев рецепт, кажа тогаш Министерството за здравство.

    Министерот за здравство Венко Филипче тогаш апелираше граѓаните на своја рака да не го пијат лекот „ивермектин“, „бидејќи единствено лекар може да утврди дали постојат индикации за користење на лекот и доколку постојат во која доза и во комбинација со кои други лекови може да се користи ‘ивермектинот’“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира