ЛЕКОТ „ИВЕРМЕКТИН“ НЕ ЛЕКУВА КОВИД-19, ВЕЛИ ПРОИЗВОДИТЕЛОТ „МЕРК“

    ЛЕКОТ „ИВЕРМЕКТИН“ НЕ ЛЕКУВА КОВИД-19, ВЕЛИ ПРОИЗВОДИТЕЛОТ „МЕРК“Лекот против паразити „ивермектин“ е неефикасен за лекување ковид-19, вели „Мерк“. (Фото: Шатерсток)

    Производителот на лекови „Мерк“ денеска објави дека нивната анализа на достапните податоци не ја поддржува безбедноста и ефикасноста на неговиот лек против паразити „ивермектин“ за третман на ковид-19. „Ивермектин“, кој е одобрен во САД како бренд име „стромектол“, се користи главно за лекување на цревни паразити.

    Во мај лани, властите во боливискиот град Тринидад почнаа кампања за давање бесплатни дози на „ивермектин“ за борба против новиот коронавирус, иако Министерството за здравство на земјата го забележа недостатокот на докази за ефикасноста за третман за ковид-19.

    Компанијата рече дека нивната анализа на постојните и новите студиите за „ивермектинот“ за лекување на ковид-19 не откриле научна основа за потенцијален терапевтски ефект против респираторната болест предизвикана од новиот коронавирус.

    „Мерк“ додаде дека постои загрижувачки недостаток на податоци за безбедноста во повеќето студии за тестирање на „ивермектин“ за лекување ковид-19, и предупреди против употребата на лекот вон неговото користење за антипаразитски третман.

    Во Македонија, на 12 јануари матичните лекари преку Лекарската комора добија протокол за употреба на лекот „ивермектин“ кај пациенти со ковид-19, откако беше изготвен од стручниот колегиум на Клиниката за пулмологија и алергологија и ковид-19 центрите при интернистичкиот блок.

    „Ивермектинот“ не е на позитивната листа на лекови кои потпаѓаат на товар на Фондот за здравствено осигрување, а чини 300 денари. Согласно решението на Агенцијата за лекови МАЛМЕД, овој лек се издава исклучиво на рецепт и се применуваат одредбите за издавање на розев рецепт, кажа тогаш Министерството за здравство.

    Министерот за здравство Венко Филипче тогаш апелира граѓаните на своја рака да не го пијат лекот „ивермектин“, „бидејќи единствено лекар може да утврди дали постојат индикации за користење на лекот и доколку постојат во која доза и во комбинација со кои други лекови може да се користи ‘ивермектинот’“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира