ПРОЕКТИТЕ ШТО ГИ ПОТПИШАВМЕ СЕ СЛИКАТА ЗА ОДНОСИТЕ МЕЃУ ДВЕТЕ ЗЕМЈИ, НЕ ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ ЗА „РЕКЕТ“, РЕЧЕ СРПСКАТА ПРЕМИЕРКА БРНАБИЌ

    ПРОЕКТИТЕ ШТО ГИ ПОТПИШАВМЕ СЕ СЛИКАТА ЗА ОДНОСИТЕ МЕЃУ ДВЕТЕ ЗЕМЈИ, НЕ ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ ЗА „РЕКЕТ“, РЕЧЕ СРПСКАТА ПРЕМИЕРКА БРНАБИЌЗаев и Брнабиќ денеска во Скопје потпишаа договори за заедничко признавање на доверливи услуги и за признавање на лабораториите за ветеринарство. (Фото: К. Попов)

    Лажните вести кои се објавуваат и во српските медиуми во врска со случајот „Рекет“ не влијаат на добрите односи меѓу двете земји, рекоа денеска премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ по средбата во Владата.

    Одговарајќи на новинарско прашање за објавување на лажни вести во српски медиуми за вмешаност на премиерот Зоран Заев во случајот „Рекет“, Брнабиќ рече дека борбата против лажните вести е тешка, но проектите кои двете земји ги реализираат се потврда за пријателството.

    „Сè додека имаме проекти како што се договорите кои денес ги потпишавме, тоа е правата слика за односите меѓу двете земји, не лажните вести. Проблемот со лажни вести е глобален и тој мора институционално да се решева“, рече Брнабиќ.

    Премиерот Заев кажа дека нема да дозволи одредени медиуми да ги нарушат пријателските односи.

    „Тешко ми паѓа кога ги гледам лажните вести и невистини. Ќе мора институционално решение да најдеме“, рече Заев.

    Владите на Србија и Северна Македонија денеска потпишаа договори за заедничко признавање на доверливи услуги и за признавање на лабораториите за ветеринарство. Заев и Брнабиќ кажаа дека денешните договори ќе помогнат во животот на граѓаните на двете земји.

    „Денеска покажавме дека од бариери овозможуваме слободна трговија. Се надевам дека регионот ќе го следи нашиот пример на отворање заеднички граничен премин“, рече Брнабиќ.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари