ПРОИЗВОДСТВОТО НА СТРУЈА ПРЕПОПОЛОВЕНО ОД 2006 ГОДИНА, СИТУАЦИЈАТА КАТАСТРОФАЛНА, ВЕЛАТ ОД ЕЛЕМ

    ПРОИЗВОДСТВОТО НА СТРУЈА ПРЕПОПОЛОВЕНО ОД 2006 ГОДИНА, СИТУАЦИЈАТА КАТАСТРОФАЛНА, ВЕЛАТ ОД ЕЛЕМРедовните годишни ремонти на блоковите во РЕК Битола се оставени за есенските и зимските месеци. - Свињи во ѓубриштето во близина на РЕК Битола (Фото: Ѓ. Личовски)

    Новиот директор на АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) Драган Миновски вели дека од 2006 година наваму прозводството на електрична енергија во Македонија е преполовено и 2017 година ќе ја завршиме со рекордно ниско ниво на производство. Ситуацијата е катастрофална, кажа тој на вчерашната прес-конференција, и го обвини претходното раководство за недомаќинско и неодговорно работење.

    „Во 2006 година биле произведени 6.510 гигават часови електрична енергија, во 2013 произведени се 5.113 гигават часови, а лани само 4.300 гигават часови. За годинава предвидувањата се дека ќе завршиме само со 3.600 гигават часови произведена електрична енергија, што не било никогаш, односно е рекордно ниско нивно на производство на АД ЕЛЕМ“, рече Миновски.

    Директорот на ЕЛЕМ Драган Миновски вели дека ревитализацијата на блоковите 2 и 3 на РЕК Битола, која што чинела 66 милиони евра била лошо изведена и го намалила нивниот капацитет.

    Според него, намаленото производство на струја годинава се должи на доцнењето на редовните годишни ремонти на блоковите на РЕК Битола. Место да се направат во текот на пролетта и летото, ремонтите се оставени за есенските и зимските месеци, па блоковите не се подготвени за грејната сезона кога е поголема побарувачката, вели Миновски.

    „Годинава пак намаленото производство се должи на тоа што во текот на цела 2017 година не се направени редовните годишни ремонти на блоковите во РЕК Битола. Оставени се за сега, за есенските и зимските месеци, а требало да се направат во текот на пролетните и летните месеци. Претходното раководство не ги ремонтирало капацитетите и не ги подготвило за есента и за поголемата побарувачка во грејната сезона. И сега кога треба засилено да произведуваат, тие треба да бидат запрени за да работиме на нив“, вели Миновски.

    Тој кажа и дека ревитализацијата на блоковите 2 и 3 на РЕК Битола, која што чинела 66 милиони евра била лошо изведена и го намалила нивниот капацитет.
    „Ова е капитален зафат за кој се платени 66 милиони евра, а кој место да ги зајакне блоковите, тој ја намали нивната моќност и капацитет за производство, поради што изгубени се во просек по 40 мегават часови струја или 130 милиони евра“, вели Миновски.

    Јагленокопите во РЕК Осломеј се исцрпени, а нови копови за јаглен не се отворени. Миновски вели дека нови копови за јаглен нема ниту на друго место,а не е обезбеден јаглен за да се носи во РЕК Осломеј, за да може и таа централа да работи. Поради лошото менаџирање на претходното раководство на ЕЛЕМ и недоволните дотеци на почетокот на оваа година, како што кажа Миновски, акумулациите се толку исцрпени и потрошени, што нивото на водата во нив е спуштено под потребното ниво за безбедно и стабилно управување со системот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира