Се намалува бројот на новопотврдени случаи од ковид-19 и процентот на позитивни од тестирани, стои во извештајот на Институт за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 17 до 23 август, соопшти Министерството за здравство.
Во тој период се направени 11.129 тестирања на коронавирус, и регистрирани се 839 нови позитивни случаи од 29 градови во државата и има намалување од 7.0%, во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (281; 33,5%). Во овој период, бројот на новопотврдени случаи е под 20 лица во 16 градови во земјата.
„Процентот на позитивни од тестирани изнесува 7.5 %, што претставува намалување од 0,3% во однос на претходната недела. Овој индикатор и натаму покажува тренд на намалување, во однос на претходните недели кога истиот се движи од 10%, 9.4%, 8.6% и 7.8%“, вели ИЈЗ.
Во споменатиот период, по добиени два негативни теста за присуство на САРС-КоВ-2, како оздравени се водат 554 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 513 помалку во однос на претходната недела.
Пријавени се 19 смртни случаи од шест градови или два повеќе во однос на претходната недела и сите се на возраст над 60 години. Од нив, 16 биле хоспитализирани, а три лица починале во вонболнички услови. Коморбидитети се регистрирани кај 16 починати лица.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, и во овој период најзастапена е возрасната група на лица над 60 години со 205 (24,4%) позитивни. Голем број заболени се регистрира и кај лицата на возраст од 30-39 (151; 18,0%), 40-49 (142; 16,9%) и 20-29 (140; 16,7%) . Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (20; 2,4%) и 10-19 години (49; 5,8%).
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (807; 96,2%), регистрирани се 119 (14,7%) хоспитализирани, а кај 239 (29,8%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број нови случаи, 307 (38,3%) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 29 лица со историја на патување во последни 14 дена.
Б. НЕСТОРОСКА