ПРВ СЛУЧАЈ НА ЗАБОЛЕН ТЕХНИЧАР НА ИНФЕКТИВНАТА КЛИНИКА, ВО КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА ВКУПНО 15 ЗАРАЗЕНИ МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА

    ПРВ СЛУЧАЈ НА ЗАБОЛЕН ТЕХНИЧАР НА ИНФЕКТИВНАТА КЛИНИКА, ВО КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА ВКУПНО 15 ЗАРАЗЕНИ МЕДИЦИНСКИ ЛИЦАМедицинскиот персонал на Инфективната клиника е целосно заштитен и во таа смисла, рече министерот Филипче, ризикот да има трансмисија е многу мал. (Фото: К. Попов)

    Вкупната бројка на заразени со коронавирус во Куманово стигна до 85 лица, а во изминатите 24 часа, се регистрирани 23. Од нив 11 се медицински лица, а вкупната бројка досега е 15 лица.

    „Со единаесет потврдени случаи на коронавирус во Кумановската болница, се корумпира работата на Инфективното одделение, со оглед на тоа и претходно имаше  дијагностицирани. Поради ова двајца доктори од Скопје и од Штип ќе одат во Куманово да ја организираат работата на ова одделение од овој момент. Траат анкетите со уште двајца лекари, од рентген-дијагностика и од лекар од општата служба, и во зависност од тоа колку лица ќе бидат во самоизолација, ќе се организира работата на останатиот дел од болницата“, рече Филипче.

    Министерот додаде дека е веќе многу тешко да се каже дека здравствените работници во Куманово се заразиле од 57-годишната жена која почина на 22 март и беше прв смртен случај во земјава од КОВИД-19.

    „Има веќе некои публикации во Кина, дека вирусот има циркулација меѓу населението, дека е асимптоматски и токму затоа се донесе таква мерка за полициски час во Куманово“, рече Филипче.

    Владата донесе одлука за забрана и посебен режим на движењето на населението (полициски час) во Општина Куманово, и тоа целосна забрана за време на викенд, почнувајќи од 21:00 часот од денес до 05:00 часот во понеделник.

    На Инфективната клиника во Скопје има регистриран позитивен случај на медицински техничар. Тој има воспаление на белите дробови. Се прави семејна и епидемиолошка анкета и согласно тоа ќе се постапи на одделението каде работел. Во семејството се разговара со сопругата, за да се анализираат првичните и други контакти.

    Медицинскиот персонал на Инфективната клиника е целосно заштитен и во таа смисла, рече тој, ризикот да има трансмисија е многу мал.

    Филипче кажа и дека денеска Државниот здравствен и санитарен инспекторат направил увид во приватната болница „Систина“ и дека е потврдена препораката дека секој тест кој се регистрира како позитивен мора да се повтори во Институтот за јавно здравје.

    Двајца пациенти од Куманово и од Тетово починаа денес на Инфективната клиника. Едниот пациент на возраст од 70 години е од Куманово кој од коморбидитети имал хипертензија и срцева слабост.  Другиот е пациент на возраст од 68 години, од село во околината на Тетово, кој имал артериска хипертензија.

    Mинистерството за здравство дополнително вечерва информираше дека пациентот од Куманово кој доцна синоќа почина на Инфективната клиника бил заболен од коронавирус.

    „За овој пациент, Министерството за здравство информираше денеска во редовното соопштение за дневната состојба со ново дијагностицирани, починати и оздравени пациенти, со напомена дека за него се чекаат резултатите од тестирањето на КОВИД-19. Неговиот резултат позитивен на КОВИД-19 пристигна попладнево, а овој случај на позитивен и починат пациент, во статистиката на ИЈЗ ќе биде евидентиран во утрешниот извештај“, додаваат оттаму.

    Во изминатите 24 часа регистрирани се 46 нови случаи на коронавирус во земјата, и со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти денеска изнесува 430 лица. Денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, со два контролни негативни теста на КОВИД-19 се испишани тројца пациенти кои се во добра здравствена состојба и тие заминуваат дома.

    Во однос на тоа дали може веќе оздравените пациенти повторно да се инфицираат, Филипче кажа дека има една студија дека може да има повторна инфекција, дека во Кина се веќе детектирани два подтипови.
    „Иако се мал број случаи, многу е рано да се каже дека е генерално правило“, рече министерот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира