ПРВА БАЛКАНСКА ШКОЛА НА ПЕДИЈАТРИ ДО САБОТА ВО СКОПЈЕ СО СИЛНА ПОЛИТИЧКА ПОДДРШКА НА ОТВАРАЊЕТО

    ПРВА БАЛКАНСКА ШКОЛА НА ПЕДИЈАТРИ ДО САБОТА ВО СКОПЈЕ СО СИЛНА ПОЛИТИЧКА ПОДДРШКА НА ОТВАРАЊЕТОМинистерот за здравство Венко Филипче, д-р Аспазија Софијанова, претседател на здружението на педијатри на Македонија, премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица (Фото: К.Попов)

    Со свечена гала вечер во хотелот Александар Палас во Скопје синоќа беше отворена првата Балканска школа на педијатри, која ќе трае до сабота.

    Д-р Аспазија Софијанова, претседател на Здружението на педијатри на Македонија, рече дека на работните сесии ќе се зборува на повеќе теми, со акцент на медицинска нега и грижа на предвреме родените бебиња, потоа сесија за важноста на вакцинирањето, трансплантацијата, како до подобра дијагностика и третман на лицата со ретки болести.

    Ангела Блажевска, пред две години доби нови бели дробови и како што вели оттогаш почнал нејзиниот втор живот (Фото: К. Попов)

    „Педијатрите се соочуваат со мали пациенти, кои имаат големи проблеми и тие прават се за да ги решат. Овде се чувствувам како дома, бидејќи со многу од вас педијатрите од целиот Балкан често се гледаме во Виена и имаме одлична соработка, особено во делот на трансплантација на бели дробови. Силната политичка поддршка што ја гледам овде вечерва значи дека и овде ја имате потребната поддршка за подобрување на грижата за најмалите пациенти, како и за развој на трансплантацијата“, рече д-р Валтер Клепетко, професор на Медицинскиот универзитет во Виена.

    Како изненадување за професорот Клепетко на гала вечерта присуствуваше и Ангела Блажевска, на која пред две години токму тој и пресадил бели дробови во Виена, откако по компликации од ретката болест цистична фиброза ѝ биле потребни нови органи.

    Покрај педијатрите од балканските земји и од Клиниката за детски болести, на гала вечерта присуствуваа и доктори и директори од повеќе скопски клиники, фармацевти, директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, претседателката на Лекарска комора д-р Калина Гривчева Старделова, министрите за здравство и информатичко општество Венко Филипче и Дамјан Манчевски, како и сопругата на премиерот Зорица Заева. Премиерот Зоран Заев пристигна на крајот од вечерта.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира