ПСИХИЧКИ БОЛЕН ПРИТВОРЕНИК НАТЕПАЛ ПОЛИЦАЕЦ ВО ШУТКА, ПО ПРЕГЛЕДОТ ЛЕКАРИТЕ ПАК ГО ВРАТИЛЕ В ЗАТВОР

    ПСИХИЧКИ БОЛЕН ПРИТВОРЕНИК НАТЕПАЛ ПОЛИЦАЕЦ ВО ШУТКА, ПО ПРЕГЛЕДОТ ЛЕКАРИТЕ ПАК ГО ВРАТИЛЕ В ЗАТВОРПолицаецот од затворот Шутка кој бил нападнат од психички нестабилно притворено лице се чувствува добро, иако има гребнатини по лицето од ударите со даска од тоалетот; - Затворот во Шутка (Фото: СДК.МК)

    Притворено лице под психичко растројство денеска удрило со даска од вецето по лице полицаец од затворот во Шутка. Инцидентот за САКАМДАКАЖАМ.МК го потврди и директорот Ѓоко Котевски, за кого е чудно што по преглед во психијатриска установа, напаѓачот место да биде задржан во соодветна институција, го вратиле повторно назад во истражниот затвор во Шутка.

    „Точно е дека денеска полицаец вработен во затворот ‘Скопје’ во беше нападнат од притворено лице, кое ни е познато, бидејќи неколку пати бил тука во притвор. Веднаш е повикана полиција од МВР, направен е записник за настанот, известен е судијата од Основниот суд Гостивар што му ја одредил на тоа лице од Маврово-Ростуше мерката притвор и го пратил тука место во психијатриска установа, викната е Трудовата инспекција. Колегата е прегледан од лекар, кој констатирал гребаници на неговото лице од ударот. Напаѓачот е прегледан во психијатриска установа надвор од затворот, бидејќи немаме наш психијатар веќе месец и пол. Но, место да биде сместен во соодветна институција, повторно е вратен во затворот ‘Скопје’ “, вели Котевски.

    На прашање зошто напаѓачот не бил прегледан во затворот во Шутка и не му била дадена соодветна терапија за да не напаѓа луѓе, Котевски кажа дека откако пред месец и пол се пензионира последниот, овој затвор нема психијатар.

    Затворите „Скопје“ и „Идризово“ имаа психијатар од Здравствениот дом Скопје, но сега немаат. Управата за извршување санкции и Министерството за правда се известени за тоа, двата најголеми затвора мора во најскоро време да добијат психијатар за притворените и за осудените лица.

    Денешниот напаѓач бил притворен за напад на службено лице, а по денешниот инцидент му се додава уште еден напад на службено лице. Тој и претходно имал обиди за напад на службени лица во Шутка. Да имаше  психијатар, ќе го прегледаше и ќе му дадеше терапија на ова и на сите други лица кои се во притвор и кои имаат потреба од таква помош, велат од затворот.

    Во оваа затворска институција има луѓе во тешка состојба, има и зависници под метадон, и сите тие случаи имаат потреба од прегледи, консултации, средби и терапии од психијатар, велат соговорниците од затворот, кои апелираат судиите кога одредуваат мерки притвор, да внимаваат тешките случаи кои се за во психијатриска установа да не ги праќаат во притвор заедно со здрави притвореници.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира