РАСПИШАНА МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА ПО ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УЈП ИСМЕТ ГУРИ КОЈ ИЗБЕГА ОД КУЌЕН ПРИТВОР ПРЕД ДА ГО ВРАТАТ ВО ЗАТВОРОТ ШУТКА

    РАСПИШАНА МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА ПО ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УЈП ИСМЕТ ГУРИ КОЈ ИЗБЕГА ОД КУЌЕН ПРИТВОР ПРЕД ДА ГО ВРАТАТ ВО ЗАТВОРОТ ШУТКАГури доби во притвор за злосторничко здружување за измама во УЈП, а лани беше неправосилно осуден на 3 и пол години затвор за уништување изборен материјал на локалните избори во Чаир во 2013. (Фото: СДК.МК)

    Распишана е меѓународна потерница по Исмет Гури, поранешниот заменик-директор на Управата за јавни приходи (УЈП), кој избега од куќен притвор, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК Основниот кривичен суд Скопје.

    Гури, најпрво беше во затворски притвор, а потоа му беше одреден куќен притвор поради здравствени проблеми, откако лани на 19 јули беше уапсен заедно со 15 лица, меѓу кои бизнисмени и инспектори од УЈП, под сомнение за злосторничко здружување и даночна измама при што издавале фиктивни потврди за пребивање данок.

    „Вчера, на Кривичниот суд му е јавено од МВР дека при проверката од полициски службеници, Исмет Гури не бил на адресата на која требаше да издржува куќен притвор. Распишана е меѓународна потерница по него“, ни изјавија утринава од Основниот кривичен суд Скопје, откаде му беше одреден куќниот притвор.

    Бегството се случило откако Обвинителството по жалба побарало куќниот притвор на Гури да му се преиначи во ефективен притвор, во затворот во Шутка. Советот од тројца судии во Кривичниот суд му одредил мерка притвор на Гури. Но кога отишла полицијата вчера да го земе Гури и да го спроведе во Шутка, не го нашла дома.

    Со повеќегодишната шема на злосторничкото здружение во Управата за јавни приходи, на чие чело со години бил Исмет Гури, оштетени се големи фирми за околу 2 милиона евра. Гури и дел од осомничените, формирале фирми на кои им давале фиктивни потврди од УЈП дека преку нив други фирми можат да пребијат данок. Големи фирми плаќале, пребивале данок преку овие со лажните потврди дека може преку нив други фирми и компании да плаќаат данок со пребивање.

    Лани на 14 јули, во повтореното судење Основниот кривичен суд Скопје пак неправосилно ги осуди тогашните функционерите на ДУИ Исмет Гури и Ејуп Алими на по три години и шест месеци затвор за уништување изборен материјал на локалните избори во Чаир во 2013 година. Двајцата обвинети беа осудени на по три и пол години затвор и во март 2020, но Апелациониот суд Скопје во јули 2021 ги укина првостепените пресуди и го врати предметот „Титаник 3“ на повторно судење. Алими беше координатор на пратеничката група на ДУИ во минатиот парламентарен состав, а до новата пресудата беше државен советник во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Гури до оваа пресуда беше заменик-управник во УЈП.

    Гури беше истакнат активист на ДУИ, а потоа дел од „огнената група“ на Изет Меџити која се отцепи од партијата и во август лани се официјализира како нова партија Демократско движење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира