РАЗГЛЕДУВАМЕ МОЖНОСТ И ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ДА СЕ ВРШИ ТЕСТИРАЊЕ ЗА КОВИД-19, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    РАЗГЛЕДУВАМЕ МОЖНОСТ И ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ДА СЕ ВРШИ ТЕСТИРАЊЕ ЗА КОВИД-19, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕВо болницата „8 Септември“ сега се препраќаат сите пациенти, не само од Скопје, туку и од внатрешноста кои имаат потреба од други здравствени интервенции, а се сомнителни на КОВИД-19. (Фото: СДК.МК)

    Во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје во моментов само се земаат брисеви од пациентите сомнителни на КОВИД-19, а тестирањето се прави во приватна лабараторија. Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција одговарајќи на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто брисевите се праќаат во приватна лабораторија и се чекаат резултатите непотребно долго, рече дека во моментов нема услови да се прават тестовите таму, но се работи на ова сценарио.

    „Лабораторијата во болницата ‘8 Септември‘, како предмет на дискусија се наметна во изминатите неколку дена. Апсолутно е можно сценариото и таму да се вршат тестирањата, откако ќе се создадат услови. До овој момент тие не ги работеле овие тестови. Но, бидејќи е предвидено да биде следна болница за пациенти со КОВИД-19 и веќе се третираат вакви пациенти, во следниве два-три дена ќе зборуваме токму за ова прашање“, рече Филипче.

    Министерот објасни дека во моментов брисевите од сомнителните пациенти ги земаат мобилните тимови, кои беа најавени дека исто така ќе ги тестираат и постарите лица. Кажа дека лабораторијата каде што сега се тестираат овие пациенти ги исполнува сите услови, и многу побрзо и поефикасно се добиваат резултатите отколку да се носат во Институтот за јавно здравје.

    Во болницата „8 Септември“ сега се препраќаат сите пациенти, не само од Скопје, туку и од внатрешноста кои имаат потреба од други здравствени интервенции, а се сомнителни на КОВИД-19. Додека не стигнат тестовите, со овие сомнителни пациенти се постапува како во случаи кои се позитивни на КОВИД-19 и се носат во изолираниот дел на болницата.

    Од 20 март ГОБ „8 Септември“ работи со посебен режим, кој се практикувал уште од времето кога таа беше Воена болница на бившата ЈНА со сценарио за поголеми несреќи или елементарни непогоди. Одвоени се повеќе делови од зградата, како делови за изолација на пациенти во делот на тријажата, една посебна операциона сала и една ангиографска сала, и целосно издвоен оддел кој има 22 кревета и 2 респираторни машини.

    Овој пункт за тестирање би помогнал да се забрза процедурата за прием на пациенти, кои имаат друга мака, но поради сомничавоста да не случајно се позитивни на коронавирус, прво се задржуваат во изолиран дел, додека не стасаат резултатите од Институтот за јавно здравје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира