По денешната трета средба на власта и опозицијата во Министерството за правда за Законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на Специјалното обвинителство, и министерката Рената Дескоска и Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека сѐ уште се далеку од договор. Сепак, и двете страни оставаат простор да се најде заедничко решение за законот кој е услов за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Дескоска кажа дека клучните разлики се околу статусот на СЈО и околу употребата на бомбите.
„Разликите остануваат, клучните разлики се околу статусот на Специјалното јавно обвинителство и во употребата на аудиоматеријалите. Се договоривме да се извршат консултации во делот на тоа каде би можело да има доближување, со цел да најдеме простор за заедничко носење на законот. Тоа се клучни прашања во концептот на Владата што треба да обезбедат стабилно СЈО кое што ќе има сопствени ингеренции, кое што ќе има сопствени гаранции за вршење на надлежностите и за кое што имаме и поддршка од Брисел и сме должни тоа да го имплементираме. Се надеваме дека ќе имаме разбирање од пратениците за потребата на зачувување на СЈО како посебен орган во рамките на вкупниот обвинителски систем“, изјави Дескоска.
Таа се надева дека ќе донесе законот пред претседателските избори и дека ќе бидат обезбедени 80 пратеници од сите политички партии
- ЏАФЕРИ НЕМА ДА ЗАКАЖЕ СЕДНИЦА ЗА СЈО ДОДЕКА НЕ ЗАВРШАТ ИЗБОРИТЕ ДУРИ И ДА СЕ ДОГОВОРАТ ПАРТИИТЕ
- EУ И САД ГИ ПОВИКАА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ДА ЈА ОСИГУРААТ НЕЗАВИСНОСТА НА СЈО
- НЕ ЗНАМ КАКВИ СЕ РАЗМИСЛУВАЊАТА НА ЏАФЕРИ, АМА АКО СЕ ДОГОВОРИМЕ ЗА СЈО, ТОА ТРЕБА ВЕДНАШ ДА БИДЕ СТАВЕНО НА СЕДНИЦА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ДЕСКОСКА
- СЈО ГО БЛОКИРААТ ЧИНИТЕЛИТЕ НА БИВШИОТ РЕЖИМ ДУИ И ВМРО-ДПМНЕ, ВЕЛИ ЗИЈАДИН СЕЛА
Според Милошоски, има расположение од двете страни да се дојде до решение.
„Разговаравме за амандманите кои што ги предложивме. Остануваат сериозни разлики во толкувањето на содржината на целиот предлог-закон. Постои расположение за понатамошни консултации да дојдеме до можно заедничко решение“, кажа кусо Милошоски
Следната средба ќе биде закажана дополнително.
По средбата во Министерството за правда, претседателот на Собранието Талат Џафери се огласи преку Фејсбук, откако претходно министерката Дескоска кажа дека ако се договорат партиите, Собранието треба во најскоро време да одржи седница за Законот за Јавно обвинителство.
„Собранието на Република Северна Македонија, работи согласно Деловник а не врз основа на диктат а уште помалку не според одредени индивидуални претензии, било да се тие на некој министер, кој и да е тој!“, кажа Џафери, кој најави дека до завршувањето на претседателските избори нема да закажува седници.