НЕ ЗНАМ КАКВИ СЕ РАЗМИСЛУВАЊАТА НА ЏАФЕРИ, АМА АКО СЕ ДОГОВОРИМЕ ЗА СЈО, ТОА ТРЕБА ВЕДНАШ ДА БИДЕ СТАВЕНО НА СЕДНИЦА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ДЕСКОСКА

    НЕ ЗНАМ КАКВИ СЕ РАЗМИСЛУВАЊАТА НА ЏАФЕРИ, АМА АКО СЕ ДОГОВОРИМЕ ЗА СЈО, ТОА ТРЕБА ВЕДНАШ ДА БИДЕ СТАВЕНО НА СЕДНИЦА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ДЕСКОСКАЗаконот за Јавно обвинителство е услов за добивање препорака од Европската комисија за датум за преговори за членство во ЕУ. - Министрите Рената Дескоска и Радмила Шекеринска со премиерот Зоран Заев во Собранието (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев и министерката за правда Рената Дескоска од 9 часот утринава се растрчани во Собранието по пратенички гласови за законот за СЈО, а средба најавуваат и со осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за да се донесе што побрзо, како што рече Дескоска, Законот за Јавно обвинителство, кој е услов за добивање препорака од Европската комисија за датум за преговори за членство во ЕУ.

    Истовремено, спикерот Талат Џафери рече дека и да се договорат партиите за СЈО деновиве, тој нема да закаже сега седница за гласање на законот кој се носи со двотретинско мнозинство, туку тоа ќе го направи по 6 мај 2019 година, по завршувањето на претседателските избори, за на таа седница пратениците да не си тераат предизборна кампања.

    „Јас не знам какви се размислувањата на претседателот Џафери, но можам да кажам дека она што доаѓа од Владата, е ако се постигне согласност и се договориме за Законот за Јавно обвинителство, во најскоро време тоа да биде преточено во закон и да биде ставено на седница на Собранието, зашто тоа е услов за добивање препорака од Европската комисија“, кажа министерката Дескоска спротивно од спикерот Џафери.

    Вечерва во Министерството за правда продолжуваат разговорите меѓу власта и опозицијата за поднесените амандмани од ВМРО-ДПМНЕ. Се надевам, рече Дескоска, дека пораките од Брисел, како и денешната изјава евроамбасадорот Самуел Жбогар дека СЈО треба да продолжи посебно, со конкретни надлежности, а не да биде претопено во друго обвинителство, ги слуша исто така и ВМРО-ДПМНЕ.

    За амандманите што ги достави ВМРО-ДПМНЕ до Министерството за правда таа кажа дека се разгледани и се однесуваат на три корпуса прашања, и тоа околу статусот на СЈО, доказите и судските постапки, без да навлегува во детали.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари