РЕФЕРЕНДУМСКОТО ПРАШАЊЕ Е МАНИПУЛАТИВНО, НО ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ УЧЕСТВУВА НА СЕДНИЦАТА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ

    РЕФЕРЕНДУМСКОТО ПРАШАЊЕ Е МАНИПУЛАТИВНО, НО ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ УЧЕСТВУВА НА СЕДНИЦАТА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТПратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува на седницата на која треба да се донесе одлука за распишување на референдум и активно ќе земе учество во дискусијата, како што рече генералниот секретар Игор Јанушев, за да докаже дека договорот е капитулантски и штетен за граѓаните (Фото: СДК. МК)

    ВМРО-ДПМНЕ го повика владејачкото мнозинство да прекине со, како што кажа генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, девијантното однесување, кршење на Уставот и законите со носење одлука за референдумот без консултација или во договор со опозицијата. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува на седницата на која треба да се донесе одлука за распишување референдум и активно ќе земе учество во дискусијата за да докаже дека договорот е капитулантски и штетен за граѓаните, рече Јанушев.

    Седницата е закажана за денес во 15.30 часот.

    „Продолжува самоволието на власта. За референдумското прашање, како и за било кои други прашања кои се важни за граѓаните секогаш се носеле во консултации со опозицијата. Вториот прекршок е за Законот за референдум, каде што стои дека прашањето мора да биде јасно и недвосмислено определено. А прашањето кое го турка власта е манипулативно и има повеќеслојно значење, бидејќи сака да ја изигра волјата на народот“, рече Јанушев на денешната прес-конференција пред Собранието.

    Јанушев на новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на референдумот или ќе го бојкотира одговори дека за тоа деновиве ќе одлучуваат највисоките органи на партијата.

    Утринава, координаторите на СДСМ Томислав Тунтев, на ДУИ Ејуп Алими и на Беса Фадил Зејндели, доставија предлог до претседателот на Собранието Талат Џафери за референдумско прашање: „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира