РЕНОВИРАНАТА КЛИНИКА ЗА ПСИХИЈАТРИЈА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ЗА 2-3 МЕСЕЦИ, НЕМА ЛИСТИ НА ЧЕКАЊЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ Д-Р БАЈРАКТАРОВ

    РЕНОВИРАНАТА КЛИНИКА ЗА ПСИХИЈАТРИЈА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ЗА 2-3 МЕСЕЦИ, НЕМА ЛИСТИ НА ЧЕКАЊЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ Д-Р БАЈРАКТАРОВПоставена е термоизолација на објектот, се изврши реконструкција на кровот, замена на прозорците и вратите; - Клиниката за психијатрија пред и потоа. (Фото: С. Бајрактаров)

    Реновирањето на Клиниката за психијатрија во Скопје, иако беше најавено дека ќе биде готово во октомври 2023, ќе заврши оваа година во наредните месеци. Директорот на Клиниката, д-р Стојан Бајрактаров, ни рече дека надворешното реновирање е завршено, во тек е втората фаза, т. е. внатрешното реновирање, и очекуваат да биде готова за 2-3 месеци.

    Лани, на 9 мај, Министерството за здравство соопшти дека градежните работи почнуваат на 15 мај 2023 и се очекува за пет месеци објектот да биде реновиран. Како што рекоа тогаш од Министерството, објектот ќе биде комплетно реновиран и ќе стане енергетски ефикасен преку проектот за подобрување на енергетската ефикасност што се финансира преку Светска банка, а го спроведува Министерството за финансии, во соработка со Министерство за здравство.

    „Првата фаза, надворешниот дел, со пари од Светска банка беше готов точно за пет месеци, како што беше планиран. Се оддолжи внатрешното уредување поради процедури и тендери кои се под надлежност на Министерството за здравство. Од надворешната фаза, се смени фасада, кров, сега на прозорците нема решетки, туку имаме алуминиумски прозорци. Сега се реновира внатре, се работи на водоводна мрежа, кревети, секојдневнo има мајстори“, ни изјави д-р Бајрактаров.

    На Клиниката за психијатрија преку проектот, меѓудругото, заменета е електричната инсталација, осветлувањето, системот за греење, поставен е централен систем за ладење. (Фото: К. Попов)

    Уште лани беше најавено дека пациентите од Клиниката за психијатрија во Скопје во наредните месеци ќе бидат хоспитализирани во Психијатриската болница – Скопје и Одделот за психијатрија во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, како и дека Детскиот оддел привремено ќе функционира во ГОБ „8 Септември“.

    Д-р Бајрактаров вели дека нема недостиг на места, нема листи на чекање. Во Психијатриската болница Скопје веднаш се примаат, а во „8 Септември“ може да се чека ден-два за прием.

    Го прашавме д-р Бајрактаров дали е зголемем бројот на млади пациенти, со оглед дека голем процент од децата и тинејџерите во Македонија се несреќни, според извештаите на Светската здравствена организација (СЗО) и на УНИЦЕФ.

    „Имаме зголемен број на млади лица со проблеми со менталното здравје, но не е зголемен бројот за хоспитализации, само се зголемени амбулантските прегледи кај тинејџерите“, рече д-р Барјактаров.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира