РИСТО БОМБАТА ДОБИ ДРЖАВНИ СУБВЕНЦИИ ЗА 11 ПЕСНИ ВРЕДНИ 36.000 ЕВРА

    РИСТО БОМБАТА ДОБИ ДРЖАВНИ СУБВЕНЦИИ ЗА 11 ПЕСНИ ВРЕДНИ 36.000 ЕВРАГаброски нема добиено пари за песна само во три категории, за детски композиции, „таленти“ и композиции со кои се афирмира историјата на Македонија

    Композиторот, текстописец и аранжер Кристијан Габроски, познат како Ристо Бомбата, доби пари за 11 песни, пејачот и композитор Ѓорѓи Крстевски за четири, а пејачот и композитор Александар Ристовски- Принц за три од Македонската радио телевизија, која е носител на конкурсите за финансирање македонска музика. На последниот конкурс кој заврши на 29 декември, потрошени се вкупно 102.000 евра за вкупно 38 песни.

    Габроски е автор на композиции што вкупно добиле 36.000 евра. Тој е автор и на една од двете наградени песни во категоријата „Композиции со кои се афирмираат семејните вреднисти во општеството или многудетните семејства“.

    МРТВ ја објави одлуката за избор на изведувачи односно на нови композиции, за која одлучило жирито во состав Константин Карев (претседател), Бекир Алиу, Панче Илиев, Благоја Здравковски и Деан Ќурчиев. Конкурсот беше објавен на 30 јуни 2017, а одлуката е донесена на 5 јануари. МРТВ ја објави и одлуката за неприфатените песни, а Габроски и Крстевски се и меѓу авторите на кои им се одбиени и најмногу песни.

    Министерството за култура лани на крајот на ноември најави дека ќе го укинува Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со кој од 2014 досега од Буџетот се потрошени 2 милиони евра за финансирање создавање македонска народна и забавна музика.

    Министерството најави дека започна постапка за носење нов закон со кој ќе се укинува претходниот, донесен на крајот на 2013 во мандатот на министерката Елизабета Канческа-Милевска и Владата на чело со Никола Груевски. Според најавениот рок, предлог законот беше изготвен во декември.

    Од Министерството велат дека на 27 декември добиле позитивен одговор од МРТВ, во кое се вели дека МРТВ ќе се ослободи од обврска која не влегува во нејзината основна дејност и работење утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

    „Со овие одлуки на МРТВ, објавени на 5 јануари годинава се создаваат дополнителни непредвидени финансиски импликации и долгови врз буџетот за култура. Во моментов, Министерството за култура ги анализира финансиските импликации со кои ќе се оптовари буџетот. Факт е дека Законот е сѐ уште на сила и дека МРТВ засега постапува по него, сѐ додека Собранието не го усвои предлогот на Министерството за култура да се укине овој Закон. Но, Министерството за култура ќе преиспита дали овие одлуки на МРТВ донесени во новата година на 5 јануари, за конкурси кои се поврзани со програмата и буџетот од минатата година, се валидни и во согласност со законските прописи“, вели Министерството за култура.

    „Министерството за култура до Владата на РМ веќе го поднесе предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со клучни аргументи дека овој Закон не придонесе за зголемување на квалитетот, ниту пак донесе до напредок и развој на музичката продукција и индустрија. За жал, повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием ниту беа слушнати од поширока јавност, а ниту беа промовирани и емитувани интензивно на македонските радија и телевизии. Речиси на сите објавени резултати по конкурсите, кои се инаку квартални во една година, имаше големи реакции во јавноста – дека се финансира неквалитет и шунд, и дека овие конкурси се уште еден клиентелистички механизам за купување на наклонетоста и послушноста на одредени музички уметници“, стои во соопштението од Министерство.

    Габроски стои како автор на музика, текст и аранжман на песни во повеќе категории како „афирмиран изведувач“ и во забавна и во народна музика, „истакнат изведувач“ во народна музика и во забавна музика, „врвен изведувач“ во забавна музика, категорија ѕвезди во забавна музика, категорија композиции со кои се афирмира историјата на Македонија и категорија композиции со кои се афирмират семејните вредности во општетството или многудетните семејства.

    За песните се даваат по 3.000 евра, 400 евра за детските, а во категорија ѕвезди 4.500 евра – 3.000 евра за аудиоснимање на песната и 1.500 евра за спот.

    Габроски нема добиено пари за песна само во три категории, за детски композиции, „таленти“ и композиции со кои се афирмира историјата на Македонија. Габроски е наведен како автор на аранжманот и продуцент на аудио и видео записите на двете песни на Дарио Панковски, за кои пејачот во категоријата „ѕвезди“ од забавна музика ќе добие 9.000 евра.

    Али Бајрам како изведувач на две композиции од народна музика во „ѕвезди“ ќе добие 9.000 евра, а исто колку и Авни Аљији во забавна музика.

    Александар Ристевски- Принц, ќе добие пари за три композиции како „врвен изведувач“, што е и максимумот според Законот, каде стои дека еден ист пејач за една година може да добие пари за најмногу за три песни, а во категоријата „ѕвезди“ за најмногу две песни.

    Меѓу останатите изведувачи  и автори кои се поддржани се наведени и Филип Пешевски, Валентино Стојановски, Мухамедали Амети, Анета Цветковска- Малинкова, Анета Василева, Христијан Димитриевски, Ирена Спасовска, Јовица Мицевски, Горан Наумовски, Иле Спасев, Милена Јованоска, Ристо Самарџиев , Бајрамаљи Идризи, Ана Пандевска, Ангелина Мицковска, Александар Мицковски и Блаже Алексовски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира