РОДИЛКАТА КОЈА КРИЕШЕ КОНТАКТИ И ЧИЈА ИЗЈАВА БЕШЕ УКРАДЕНА, СИ ЗАМИНАЛА ОД ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА

    РОДИЛКАТА КОЈА КРИЕШЕ КОНТАКТИ И ЧИЈА ИЗЈАВА БЕШЕ УКРАДЕНА, СИ ЗАМИНАЛА ОД ИНФЕКТИВНА КЛИНИКАПациентката е стабилна, во добра здравствена состојба. На нејзино барање се испишува од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби“, велат од Министерството за здравство. (Фото: СДК.МК)

    Родилката која при прием на Клиниката за гинекологија, а потоа и во приватната болница „Ремедика“ криеше дека член на семејство е позитивен на КОВИД-19, си заминала од Инфективната клиникa по нејзино барање. Таа по породувањето беше примена на лекување на Инфективната клиника бидејќи и самата заболела од КОВИД-19.

    Од Министерствот за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека денеска родилката побарала да си замине на домашно лекување и од Клиниката ѝ е издадено отпусно писмо.

    „Пациентката е стабилна, во добра здравствена состојба. На нејзино барање се испишува од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Информиран е Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Целото семејство ќе биде во изолација“, велат од Министерството за здравство.

    Родилката на 6 јуни доцна вечерта била примена на Клиниката за гинекологија. Во епидемиолошката анкета и изјавата што ја потпишалa тврдела дека немала контакт со заболено лице, ниту дека таа имала некакви симптоми. Но, откако медицинските лица на Клиниката дознале дека нејзиниот свекор е позитивен и ѝ кажале дека треба да биде префрлена во изолирана соба, таа си заминала од болницата. На 8 јуни со породилни болки е примена во болницата „Ремедика“, каде исто така не кажала дека член на нејзиното семејство има коронавирус. По породувањето направен ѝ е тест по што се покажало дека и таа е позитивна, па била префрлена на Клиниката за инфективни болести. Таму при приемот кажала дека седум дена има болки во грлото.

    Денеска на Клиниката за гинекологија беше украдена нејзината изјава во која потпишала дека немала контакт со позитивен на КОВИД-19. Директорката Викторија Јовановска ни изјави дека некој го украл само тој лист од нејзиното досие, дури се гледа и како тој документ е насила истрган и затоа повикала полиција за да види кој влегол без дозвола во канцелариите каде се чува медицинската документација.

    „Пациентите ли да ги лекуваме или документите да ги чуваме, ни изјави директорката Јовановска која се жали дека веќе трет ден цел персонал, лекари и сестри се занимаваат со неодговорното однесување на родилката и на нејзиното семејство.

    Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција апелираше граѓаните да даваат точни информации и да не ги кријат контактите.

    Денеска во земјава се дијагностицирани 175 нови случаи, пет пациенти починаа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира