Родителите на починатите во пожарот во нелегалната кочанска дискотека „Пулс“ со 62 жртви, денеска, кога се навршија три месеци од трагедијата, доставија барање до Основното јавно обвинителство во Кочани за средба со обвинителите. Барањето следи по минатонеделното образложение на обвинителниот акт за трагедијата кое го даде јавниот обвинтел Љупчо Коцевски, а за што на саботниот деветти „Марш за ангелите“ родителите нагласија дека не ги разбрале наводите. Тие бараат одговори и објаснување од надлежните кај кого е лоцирана одговорноста за трагедијата како и поконкретни информации за постапката и покренатото обвиниение против 34 физички и три правни лица за кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“.
Родителите велат дека сакаат целосно да бидат запознати со исходот од истражната постапка, кои физички и правни лица се опфатени со неа, против кого е поднесено обвинение, а кој ќе биде изземен поради немање доволно докази. На тој начин, сметаат дека ќе се отстранат сите дилеми коишто се јавуваат кај нив во врска со спроведената постапка.
Јавното обвинителство рече дека ќе им излезе во пресрет на нивното барање, а ако семејствата бараат средба таа ќе биде организирана наскоро. На неа тие ќе бидат информирани за сите аспекти од поднесеното обвинение, но ќе се внимава да не се нaруши натамошната постапка.
Роднините на жртвите веќе има една средба во Обвинителството, каде добиле директен контакт и им било посочено дека сите семејства на жртвите можат во секој момент во обвинителството во Кочани директно да се информираат за текот на постапката.
Државениот јавен обвинител, Љупчо Коцевски на прес-конференција на 13 јуни кажа дека е поднесено обвинение за пожарот во Кочани, со кое се опфатени 34 физички и три правни лица. Тие се гонат за Тешки дела против општата сигурност. Меѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Поради немање доволно докази, постапката беше запрена за вкупно 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри. Истражна постапка се води и против 13 полицајци поврзани со случајот. Првично со истрагата беа опфатени 47 физички и 3 правни лица. Поради немање доволно докази, за 11 лица постапката се запира, еден од осомничените во меѓувреме почина, а за еден постапката е во прекин поради неговата здравствена состојба. Според Коцевски, доколку во иднина се обезбедат докази, постапката може да продолжи за оние за коишто е запрена, а не се исклучува можноста со истрагата да бидат опфатени и други лица.
Од вчера до 18 јуни, во Кочани престојува тим од Гетеборг, Шведска каде пред 30 години се случи слична трагедија.
„Искуствата на тимот од Гетеборг пренесуваат силна порака дека и по речиси 30 години од пожарот во дискотеката во нивниот град, никој не е заборавен, заедницата е поврзана и зајакната, а нивните знаења и искуства се поддршка и на други настрадани во други земји. Ова силно резонира со потребата на жителите на Кочани и другите погодени места да не бидат заборавени, да не бидат оставени сами со својата болка и страдање. Поврзувањето на човечко ниво длабоко навлегува во човековото искуство на страдање и надминување“, велат од Центарот за психосоцијална акција (ЦПКА) „Малинска“ од Скопје заедно со кочанската иницијатива „Сапорт Кочани“ кои учестуваат во тимот од Гетеборг, чие доаѓање го помигна Шведската амбасада во земјава.
Во тек е адаптација на одморалиштето на МВР на Пониква, кое од средината на идната недела ќе стане рехабилитациски центар за повредените од пожарот. Според најавите, во одморалиштето на Поникава ќе биде згрижена првата група повредени во пожарот, каде физикална терапија ќе добиваат 45 пациенти. Во Пониква ќе се активираат медицински тимови коишто ќе им бидат достапни 24 часа. Ќе бидат поделени во групи што ќе ротираат на две недели, а првата група ќе биде со повредени кои веќе добиваат физикална терапија, како и пациенти кои имале само изолирана инхалаторна повреда. Физикалната терапија ќе ја врѓат четворица физиотерапевти, ќе има медицински сестри, специјалист физијатар, а во соработка со Центарот за психолошка поддршка од Скопје и невладини организации ќе има и посета од психолози и психијатри.
Од вечерва во 20 часот, до вторник наутро во 6 часот по локално време, Градското собрание на Лос Анџелес во американската сојузна држава Калифорнија ќе биде осветлено во боите на македонското знаме, во чест и сеќавање на жртвите од трагедијата во Кочани.