РУСИЈА ПРОТЕРА ЕДЕН ОД ДВАЈЦАТА ВРАБОТЕНИ ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО МОСКВА

    РУСИЈА ПРОТЕРА ЕДЕН ОД ДВАЈЦАТА ВРАБОТЕНИ ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО МОСКВАОд Руската амбасада во земјава велат дека прогласувањето на вработениот во Амбасадата за „персона нон грата“ е реципрочна мерка.(Фото: СДК.МК)

    Русија протера еден вработен од Амбасадата на Македонија во Москва, откако минатиот месец беше протеран руски дипломат од земјава. Со тоа во моментов во амбасадата во Москва имаме само в.д. амбасадор, бидејќи до сега имаше само двајца претставници односно в. д. амбасадор и уште еден дипломат.

    Како што соопштија од Руската амбасада во земјава прогласувањето на вработениот во Амбасадата за „персона нон грата“ е реципрочна мерка.

    „На 10 јуни, в.д. амбасадор на Република Северна Македонија во Руската Федерација Оливера Чаушевска-Димовска беше поканета во Министерството за надворешни работи на Русија, каде ѝ беше врачена нота на Министерството, со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за „персона нон грата“. Оваа мерка е одговор на сосема немотивирана одлука на македонската страна за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за „персона нон грата“, која беше донесена во мај оваа година.”, стои во соопштението од Руската амбасада.

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи на 20 мај по протерувањето на рускиот дипломат изјави дека не очекува Русија да врати во иста мера со протерување на наш дипломат.

    „Немаме информација дека наш дипломат ќе биде протеран од Москва. Се надевам дека оваа одлука нема да влијае во влошување на односите меѓу двете држави, но се разбира дека државите ги имаат таквите инструменти да донесат такви одлуки. Оваа одлука не е поврзана со нашите односи со Руската Федерација, иако се случува во момент кога ние се солидаризираме со нашите сојузници во однос на одредени однесувања на Руската Федерација. Ние сме сојузници со 29 земји членки на НАТО и сојузништвото се гради со активен придонес и солидаризирање. Овој процес на протерување е поврзан директно со прекршување на правилата на дипломати“, кажа министерот Бујар Османи на 20 мај.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира