РУСКОВСКА ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ЈАНАКИЕСКИ И ДЕСЕТМИНА ЗА „ШПАНСКИ СКАЛИ“, ТОЈ ДЕНЕСКА СЕ ПОЖАЛИ ДЕКА ИМА НАД 200 СУДЕЊА ГОДИШНО

    РУСКОВСКА ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ЈАНАКИЕСКИ И ДЕСЕТМИНА ЗА „ШПАНСКИ СКАЛИ“, ТОЈ ДЕНЕСКА СЕ ПОЖАЛИ ДЕКА ИМА НАД 200 СУДЕЊА ГОДИШНОЕксминистерот Миле Јанакиески, 10 службени лица од министерството, од катастар, нотар, поранешен заменик правобранител и бизнисмени се обвинети во случајот „Шпански скали“, оти предизвикале штета на Буџетот 2,64 милиони евра, вели Обвинителството. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинение против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште против 10 службени лица од министерството, од катастар, против нотар, поранешен заменик правобранител и бизнисмени за случајот „Шпански скали“, за кој на 28 јуни беше покрената истрага. Со своите дејствија обвинетите предизвикале штета на Буџетот во вкупен износ од 163.513.868,00 денари (2,64 милиони евра), вели Обвинителството.

    Денеска Јанакиески на судењето за „Талир“, кое не почнува цела година, загрижен се пожали дека има над 200 судења годишно, и без „Шпански скали“.

    На 11-темина обвинети за незаконската продажба на земјиштето за таканаречените Шпански скали во строгиот центар на Скопје спроти Плоштад Македонија, кое патем Јанакиески им го продал на бизнисмени за багателни цени, им се става на товар дека сториле Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5, за кое е предвидена казна минимум 5 години затвор, а едно од лицата е обвинето за сторено кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.3 од Кривичниот законик.

    Ни имиња, ни иницијали не се спомнуваат во обвинението кое Русковска го поднесе денеска.

    „При спроведувањето на истражната постапка е утврдено дека во периодот од 21.12.2010 година до 08.08.2018 година, првоообвинетиот заедно со петмина административни службеници, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште и не иницирале постапка за раскинување на Договорите за оттуѓување на градежно земјиште и враќање на градежното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, ниту наплатиле договорна казна со што овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист“, се наведува во денешното соопштение.

    Во предметот се обвинети и две службени лица кои вршат работи од јавен интерес и кои со неизвршување на својата службена должност, постапиле спротивно на Договорот за оттуѓување и Законот за нотаријат, едно лице, сопственик на фирма, кое како соизвршител со особен придонес учествувало во извршување на делото, доставувајќи вешти наоди и мислења изготвени по негово барање со прикажана состојба на земјиштето спротивно од констатираното од страна на Општина Центар.

    Натаму, обвинето е и лице кое  во својство на службено лице неводејќи сметка за имотните права и интереси на државата и неизвршувајќи ја својата службена должност, постапило спротивно на одредбите од Законот за државното правобранителство, како и службено лице кое со пропуштање на должен надзор, без да утврди дека во приватната исправа – Договорот за отуѓување на градежно земјиште било предвидено прибележување на реален товар над земјиштето во корист на отуѓувачот, несовесно постапило во вршењето на своите овластувања и не ги почитувало одредбите од Законот за катастар на недвижностите, по кои било должно да постапува.

    Следува оценка на обвинителниот акт во Кривичниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари