САД ГИ СТАВИЈА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ И КАТИЦА ЈАНЕВА НА ЦРНА ЛИСТА ЗА КОРУПЦИЈА

    САД ГИ СТАВИЈА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ И КАТИЦА ЈАНЕВА НА ЦРНА ЛИСТА ЗА КОРУПЦИЈАОсвен, Јакимовски и Јанева, Стејт Департментот ги стави на црна листа и двајцата возрасни синови на Јакимовски и синот и сопругот на Јанева. (Фото: СДК.МК)

    Американскиот Стејт Департмент денеска ги стави на црна листа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Општина Карпош и претседателски кандидат на претстојните избори Стевчо Јакимовски. По повод означувањето, од Стејт Департментот велат дека двајцата со нивните дејствија го поткопале владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции.

    „Како поранешен шеф на специјалното обвинителство, Јанева беше вклучена во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на нејзиното политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Има кредибилни информации дека Јанева барала и примила мито за да влијае на обвиненија под нејзина надлежност“, се вели во соопштението на Стејт Департментот.

    За Јакимовски се вели дека „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.

    Јанева од јули 2021 ја отслужува 7-годишната затворска казна за случајот „Рекет“. Случајот го пријави осомничениот во Империја и обвинет во Плацеви на Водно, бизнисменот Јордан Камчев, кој исто така е на црната листа на САД.

    Јакимовски беше обвинет во неколку случаи, но судењата се прекинаа поради амнестијата преку застарување на делата што ја изгласа Собранието лани во септември во измените на Кривичниот законик.

    Амбасадорката на САД Ангела Агелер изјави дека денешнoто означување на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и актуелниот претседателски кандидат и градоначалник Стевчо Јакимовски никого не треба да изненадуваат.

    „САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што е вклучена во значителна корупција. Народот на Северна Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции за да се запре бранот на криминално однесување и да се запре ракот на корупцијата“, вели Агелер во изјавата што ја објави Амбасадата на САД.

    Освен, Јакимовски и Јанева, Стејт Департментот ги стави на црна листа и двајцата возрасни синови на Јакимовски и синот и сопругот на Јанева. На сите нив им е забранет влез во САД.

    Во оваа група на црната листа е ставен и поранешнуиот градоначалник на Качаник во Косово Џабир Жарку.

    На црната листа лани на 5 декември САД го ставија и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, а од претходно се Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Ратка Камчева, Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира