САД СЕ УБЕДЕНИ ДЕКА БУГАРИЈА И МАКЕДОНИЈА ЌЕ НАЈДАТ РЕШЕНИЕ НАДВОР ОД ПРИСТАПНИОТ ПРОЦЕС СО ЕУ

    САД СЕ УБЕДЕНИ ДЕКА БУГАРИЈА И МАКЕДОНИЈА ЌЕ НАЈДАТ РЕШЕНИЕ НАДВОР ОД ПРИСТАПНИОТ ПРОЦЕС СО ЕУАвстриската министерка за Европа и Устав Каролине Едштадлер понуди Австрија да посредува во преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија со цел да се отстрани бугарското вето за почеток на пристапните преговори со ЕУ. - Едштадлер, Вархеји и Филипче (Фото: Ѓ. Личовски)

    САД се убедени дека Бугарија и Северна Македонија ќе најдат решение преку преговарање за нивните билатерални спорови надвор од пристапниот процес со ЕУ, вели портпарол на Стејт Департментот во изјава за „Гласот на Америка на македонски јазик“, по повод понудата на Австрија да посредува меѓу двете држави во решавање на проблемот.

    „Историскиот Преспански договор покажа дека државите во Западен Балкан се способни да исполнуваат тешки работи, да прават компромиси и да наоѓаат решенија. Убедени сме дека Бугарија и Северна Македонија ќе го направат истото преку преговарање на нивните билатерални спорови надвор од пристапниот процес со ЕУ. САД ги охрабруваат сите напори на ЕУ и нејзините земји-членки да им помогнат на страните полесно да го постигнат овој резултат“, вели портпаролот на Стејт департментот.

    Австриската министерка за Европа и Устав Каролине Едштадлер за време на денешната посета на Скопје понуди Австрија да посредува во преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија со цел да се отстрани бугарското вето за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

    Таа рече дека би било голема грешка билатералните конфликти и нерешени историски прашања да бидат причина за блокирање на преговорите за влез во ЕУ.

    Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој, исто така, денеска беше во Скопје рече дека е можно Албанија да ги почне преговорите со ЕУ пред Северна Македонија.

    „Албанија ги има исполнето сите услови и ако не се постигне договор за случајот на Северна Македонија мислам дека ќе дојде и тој момент кога ќе треба да разгледуваме и други опции“, кажа Вархеји, одговарајќи на новинарско прашање дали е можно одвојување на Северна Македонија и Албанија, кои досега одеа во пакет за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

    Вархеји и Едштадлер денеска беа во Скопје по повод пристигнувањето на првата количина од 4.850 вакцини на „Фајзер“ од вкупно 119.213 кои ЕУ се обврза да ги обезбеди за Северна Македонија.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира