САКАМЕ ДА МУ ПОМОГНЕМЕ НА ИВАНОВ ДА ГО ДАДЕ МАНДАТОТ, КАЖА ЗАЕВ ПО ПОСЕТАТА НА СЕЛА ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА

    САКАМЕ ДА МУ ПОМОГНЕМЕ НА ИВАНОВ ДА ГО ДАДЕ МАНДАТОТ, КАЖА ЗАЕВ ПО ПОСЕТАТА НА СЕЛА ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦАЛидерот на СДСМ вели дека Зијадин Села е добра здравствена состојба и ќе биде пуштен дома кога така ќе одлучи лекарскиот тим кој води грижа за него. - Заев пред Тетовската болница (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска го посети тешко повредениот Зијадин Села од ДР-ДПА во Клиничката болница во Тетово, кадешто сè уште закрепнува по претепувањето за време на нападот во Собранието на 27 април. По завршувањето на посетата, Заев рече дека добил согласност од Села и од Али Ахмети од ДУИ и му останува да се сретне уште со Биљал Касами од Беса да договорат план да го посетат претседателот Ѓорге Иванов и да му помогнат да го даде мандатот за формирање влада.

    „Добив согласност и од Ахмети и од Села, а ќе се видам и со Касами и целта е лидерите на партиите зад кои стојат 67 потписи да изразиме подготвеност да го посетиме во неговиот кабинет и да му потврдам од мое и од името на сите наши коалициони партнери, сето она што наводно беше негова загриженост, а тоа е унитарноста на државата, почитувањето на Уставот, нашето мултиетничко општество, реформите и економските перспективи и сето она што беше можна дилема или изговор. Сите се за план со кој ќе му помогнеме на Иванов да има причини за да се даде мандатот. Се надевам дека оваа средба ќе биде во почетокот на идната седмица“, изјави Заев.

    Лидерот на СДСМ вели дека Села е добра здравствена состојба и ќе биде пуштен дома кога така ќе одлучи лекарскиот тим кој води грижа за него..
    „Поразговаравме за следните политички чекори како потенцијални партнери кои сакаат да ги придвижат работите, а разменивме информации, согледувања и планови, усогласени сме и ќе ги придвижиме процесите онака како што тоа е пропишано по законот и Уставот. Го очекуваме мандатот од Ѓорге Иванов во рок од 10 дена, почнувајќи од денеска, заради тоа што писмото денеска веќе е стигнато во неговиот кабинет од новиот претседател на Собранието и верувам дека во рок од 10 дена, а дај боже и пократко да биде доделен мандатот за формирање нова Влада“, кажа Заев за средбата со Села.

    За Собранието, Заев рече дека спикерот Талат Џафери првин ќе направи скенирање на состојбата во парламентот, дали системот функционира, но знае дека за неколку работни дена Парламентот треба брзо да заседава, мора да биде подготвен да бира Влада и дека Парламентот мора да донесе одлуки за одложување на локалните избори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира