САМО ДО АРГЕНТИНА ЛЕТАВ СО БИЗНИС КЛАСА, ВЕЛИ АЛЕКСАНДАР ДОНЕВ, ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ТУРИЗАМ

    САМО ДО АРГЕНТИНА ЛЕТАВ СО БИЗНИС КЛАСА, ВЕЛИ АЛЕКСАНДАР ДОНЕВ, ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ТУРИЗАМ„Првпат летав со бизнис класа за Аргентина бидејќи патот е долг, повеќе од 17 часа, а имав набиена агенда, голем број состаноци кои бараат ефикасност. На сите други патување сум летал со економска класа или со нискобуџетни компании“, вели директорот Донев.(Фото: Агенција за туризам)

    Директорот на државната Агенција за промоција и поддршка на туризмот Александар Донев вели дека само до Буенос Аирес, Аргентина, летал со бизнис класа. На сите други патувања летал со економска класа или со нискобуџетни летови.

    Донев за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека летал до Аргентина, каде што во октомври присуствувал на Светскиот самит за авантуристички патувања, со бизнис класа оти летот бил долг повеќе од 17 часа, а на самитот имал голем број состаноци.

    „Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ги реализира буџетските трошоци строго наменски и домаќински. Првпат летав со бизнис класа за Аргентина бидејќи патот е долг, повеќе од 17 часа, а имав набиена агенда, голем број состаноци кои бараат ефикасност. На сите други патување сум летал со економска класа или со нискобуџетни компании“, вели директорот Донев по прозивките на социјалните мрежи.

    Тој вели дека авионската карта до Аргентина во бизнис класа била 30 отсто поскапа од онаа во економска класа, односно економска класа чинела околу 180.000 денари, а бизнис околу 220.000 денари.

    Од Службата за општи и заеднички работи на Владата велат дека тие не ги плаќаат картите за патувањата на владините претставници туку само постапуваат по барања на институциите.

    „Службата за општи и заеднички работи само ја спроведува јавната набавка, односно врз основа на барањата од институцијата прибираме понуди од економските оператори“, вели Пеце Мирчевски, директор на СОЗР.

    Донев, пред да стане директор во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, беше претседател на здружение за промоција и поддршка на одржлив туризам и одговорни активности во природа „Мастсидонија“ (Mustseedonia) и консултант на повеќе меѓународни проекти за туризам.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира