САШО МИЈАЛКОВ ДОБИ НОВИ 8 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА НЕЗАКОНСКА НАБАВКА НА БРИТАНСКА ОПРЕМА ЗА СЛЕДЕЊЕ МЕЈЛОВИ НА ГРАЃАНИ

    САШО МИЈАЛКОВ ДОБИ НОВИ 8 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА НЕЗАКОНСКА НАБАВКА НА БРИТАНСКА ОПРЕМА ЗА СЛЕДЕЊЕ МЕЈЛОВИ НА ГРАЃАНИСудијата Џенета Бегтовиќ заедно со судијата Владимир Туфегџиќ, претходно во „Тврдина-таргет“ за масовното незаконско прислушување ги осудија првостепено: Мијалков на 12, Грујевски на 15 и Јакимовски на 6 години затвор (Фото:К.Попов)

    За злоупотреба на службената положба и овластувањата при набавката на британска опрема за следење на електронска комуникација, Сашо Мијалков како тогашен директор на УБК првостепено е осуден на 5 години затвор плус 5 за испумпување пари од буџетот на МВР за одржување на нефункционалната опрема. Или, на 8 години единствена казна затвор.

    На соопштување на одлуката, како јавност беа присутни поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски и поголемиот син на Мијалков, Јордан.

    На обвинетиот ексначалник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, во отсуство бидејќи е избеган во Грција, за истите кривични дела му беше изречена затворска казна од 10 плус 10, или единствена казна затвор од 15 години.

    Тони Јакимовски, тогашен шеф на кабинетот на Мијалков доби 3 години плус 3, или на единствена казна од 5 години, а поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ на 5 години затвор.

    Судијката од Основниот кривичен суд Скопје Џенета Бегтовиќ заедно со судијата Владимир Туфегџиќ, претходно во „Тврдина-таргет“ за масовното незаконско прислушување, ги осудија првостепено: Мијалков на 12, Грујевски на 15 и Јакимовски на 6 години затвор.

    Мијалков во овој случај на СЈО именуван:„Трезор“, е осуден во прв степен бидејќи место да купи опрема директно од производителот „Гама интернешнл“ од Британија, ја купил од фирмата „Финзи ДООЕЛ-Скопје“. Како нејзин управител фигурираше сликарот Коста Крпач, кој кога се отвори истрага од СЈО за овој случај, беше најден мртов во станот, со куршум во градите.

    „Финзи“ првин ја купила опремата од „Гама“, а потоа му ја препродала на МВР за потребите на УБК каде што директор тогаш бил Мијалков.

    За тоа како била купена опремата, судијката Бегтовиќ потсети на сведочењето на Ѓоко Поповски од МВР, кој рече дека обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски усно му наложиле да потпише набавка со „Финзи“, за потребите на УБК.

    Со препродажбата, а потоа и со одржувањето на незаконско набавениот уред за следење и пресретнување на комуникација преку компјутер, „Финзи“ од МВР испумпала 820.000 евра. Башка, опремата не била функционална, а полицијата плаќала за одржување десетици илјади евра секој месец на правното лице „Финзи“.

    Мијалков, Грујевски и Стајковиќ во јули 2010 година усно, без постапка за јавни набавки, со британска фирма се договориле за купување на опремата за УБК. Но, место да биде донесена од добавувачот, тројцата од УБК, со помош на раководното лице од МВР, се договараат транспортот да оди преку фирмата „Финзи ДООЕЛ Скопје“, чиј управител бил сега покојниот сведок на СЈО Коста Крпач. Оваа фирма била основана од правно лице од САД, регистрирана во Кипар со сметка на „Финзи ДООЕЛ Скопје“.

    Единствено што работел овој правен субјект е што имал зголемување на основната главнина со 650.000 евра паричен влог, се прикажа низ доказите. Овие средства биле префрлени од сметката на „Финзи САД“, кој била отворена на Кипар. Потоа истите средства се префрлаат како влог во правното лице Си-фи кар (Систина – Финзи Кардиологија).

    Според доказите, откако Финзи Скопје извршила увоз на опремата со вкупен износ од 1.452 403 евра, за истата опрема сумата тука ја префактурирала во 2.021.028 евра. Разликата меѓу набавната и продажната вредност во МВР е 362.000 евра, сума која отишла на сметката на „Финзи Скопје“.

    Вториот дел од обвинението се однесуваше на изрежирано одржување на таа опрема, која во МВР веќе била нефункционална, поради софтверска и хардверска застареност, и проценета на 1 денар. Така, за британската опрема вредна еден денар, месечно од МВР се одлевале по 30.000 евра на истата фирма Финзи, се до смртта на управителот Коста Крпач, кога МВР еднострано го поништило договорот за одржување.

    Крпач, во април 2016 кога беше застрелан, бил сведок на Специјалното обвинителство. Претходно, пред да биде најден мртов, него го помилува претседателот Иванов.

    Мијалков во текот на судењето се бранеше дека иако бил критичниот период во 2010 година неколку пати во Лондон, тој не бил да договара набавка на опрема за следење.Контра сведокот Ѓоко Поповски, тврдеше дека никого во МВР не го наведувал и терал на незаконски јавни набавки за стекнување имотна корист. Кажа дека УБК сите барања ги проследувала хиерархиски во Министерството, во финансиската служба и оттаму одобрувале или не одобрувале набавки за потребите на Управата. Мијалков рече дека ако била набавена опрема од „Финзи“, за тоа не одлучил лично тој како директор на УБК, туку надлежните служби и авторитети од МВР за спроведување јавни набавки.

    Бегтовиќ кажа дека околу 200 илјади евра се конфискуваат од фирмата „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, а обвинетите ги задолжи да му ја вратат на Буџетот разликата од над 600 илјади евра солидарно, во рок од 3 месеци од правосилноста на пресудата.

    По изрекување на пресудата, судечкиот совет му одреди мерка притвор од 30 дена на Мијалков, на барање на обвинителот Трајче Пеливанов. Мијалков е во затворот во Шутка од 26 февруари по изрекувањето на пресудата за „Тврдина-Таргет“, но бидејќи во тој предмет за него имаше само обвинителен предлог, максимум можеше да биде држен во притвор два месеца.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира