СДСМ ГИ ЗАЈАКНА ПАРТИСКИТЕ КАПАЦИТЕТИ СО ЖЕРНОВСКИ ОД ЛДП И САЗДОВСКИ ОД ГРОМ

    СДСМ ГИ ЗАЈАКНА ПАРТИСКИТЕ КАПАЦИТЕТИ СО ЖЕРНОВСКИ ОД ЛДП И САЗДОВСКИ ОД ГРОМАндреј Жерновски и Чедомир Саздовски станаа членови на Централниот одбор на СДСМ, највисокото партиско тело. - Жерновски со Заев; Саздовски во Собрание (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот лидер на Либералдемократската партија (ЛДП) Андреј Жерновски и Чедомир Саздовски, поранешен пратеник на ГРОМ на Стевчо Јакимовски, се новите членови на Централниот одбор (ЦО) на СДСМ.

    Ваква одлука донесе највисокиот орган на партијата на вечерашната седница. Покрај Жерновски и Саздовски, во ЦО влегол и пратеникот од Струмица, Костадин Костадинов.

    На седницата, лидерот Зоран Заев ги информирал сопартијците дека планира да започне разговори за реконструкација на Владата и проширување на парламентарното мнозинство. Детали не соопштил. Заев ги информирал и за динамиката на преговорите со Грција, без конкретни детали за процесот.

    Андреј Жерновски на 13 септември 2017 година прејде во СДСМ. Тогаш, Жерновски објави дека во договор со лидерот на СДСМ Зоран Заев ја повлекува независната кандидатура за градоначалник на скопската Општина Центар и кариерата ќе ја продолжи како член на СДСМ на некоја висока функција во извршната власт.

    „Како одговорен човек и политичар, секогаш ќе ги ставам единството и напредокот пред личните интереси. Во договор со премиерот Заев, одлучив да ја продолжам кариерата на висока раководна позиција во централната власт и да станам дел од партијата која тој ја предводи. Со него имам одлична соработка и голема меѓусебна доверба и почитување. Токму затоа и решив да ја прифатам неговата понуда и заедно да продолжиме во нови победи“, напиша тогаш Жерновски на својот Фејсбук профил.

    Поранешниот лидер на ЛДП Жерновски беше градоначалник на скопската Општина Центар избран како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ. По судирот со актуелниот претседател на либералдемократите Горан Милески, се дистанцираше до партијата.

    Чедомир Саздовски, поранешниот пратеник на ГРОМ, на 16 октомври 2017 година ја напушти коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и во Собранието делуваше како независен пратеник и ја поддржуваше Владата на СДСМ. Одлуката за напуштање на ГРОМ ја донел после настаните на 27 април, кога беше организираниот напад на Собранието.

    Саздовски беше член на СДСМ пред да му се приклучи на Јакимовски пред претходните локални избори, кога Јакимовски, кој исто така беше член на СДСМ, се кандидираше за градоначалник на Општина Карпош со печатот на Српска напредна странка на Драгиша Милетиќ. Потоа ја формираа ГРОМ.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира