СДСМ ГО ПОВИКА ОСУДЕНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК СТОЈЧЕВ ДА СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, ЌЕ БИДЕ ИСКЛУЧЕН ОД ПАРТИЈАТА

    СДСМ ГО ПОВИКА ОСУДЕНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК СТОЈЧЕВ ДА СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, ЌЕ БИДЕ ИСКЛУЧЕН ОД ПАРТИЈАТААпелацискиот суд Штип му ја намали казната на Боро Стојчев од 18 на 6 месеци за кривичното дело Обид за пренесување непријавена стока, со што нема законска пречка тој да се врати на функцијата градоначалник. (Фото: СДК.МК)

    СДСМ, матичната партија на градоначалникот на Ново Село Боро Стојчев, побара од него да си поднесе оставка од функцијата прв човек на општината. Ова денеска го соопшти портпаролот и пратеник на СДСМ Костадин Костадинов, кој вели дека Стојчев пред три месеци е разрешен од функцијата претседател на општинската организација, а сега е покрената постапка за негово бришење од членство во партијата.

    „Започната е постапка за исклучување од партијата, бришење од евиденција, односно отчленување од СДСМ, која како одговорна и државотворна партија се води од принципите на почитување на правото и законите. Оттука го повикуваме Боро Стојчев да си даде неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на Општина Ново село. За нас законите се закони и треба да се почитуваат и од членството и од функционерите“, кажа Костадинов.

    Жителите на Општина Ново Село се поделени во мислењето дали Стојчев треба да се врати на функцијата градоначалник, откако Апелацискиот суд Штип му ја намали казната од 18 на 6 месеци, со што нема законска пречка тој да се врати како прв човек на ова локална самоуправа.

    Едни велат дека за ова прашање се некомпетентни, а други пак велат дека со пресудата, независно од висината на казната, Стојчев треба да си поднесе оставка и да се распишат нови градоначалнички избори во Општина Ново Село.

    Градоначалникот Боро Стојчев пред 3 месеци беше фатен пред македонско бугарската граница како превезува цигари. Струмичкиот суд му изрече казна затвор од 18 месеци, откако јавното обвинителство го преиначи делото од криумчарење во обид за пренесување непријавена стока. По жалба на одбраната, Штипска апелација му ја намали казната на 6 месеци и веќе до Нова Година може да се врати на функцијата.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира