Премиерот Зоран Заев изјави дека ако ВМРО-ДПМНЕ има намера преку мнозинствата во повеќето општини во земјава да спроведува референдуми за забрана на отворање на кампови за бегалци, тогаш и СДСМ ќе гласа „за“ со цел да ја доведе до апусрдност темата на опозицијата базирана на лажна вест.
Одговарајќи на новинарско прашање во Велес, каде што го промовираше Аце Коцевски како кандидат за градоначалник на коалицијата на СДСМ премиерот рече: „Да не е жално, би било смешно. Македонија не е така добра земја, за тие да останат тука. Ова е политичка манипулација на политичкиот опонент , кој сака да го дефокусира вниманието на граѓаните во пресрет на локалните избори, а тоа го прават исплашени дека ќе ја изгубат власта и во општините“.
Премиерот рече дека ставот ќе го го изгради со коалиционите партнери.
„Тој ќе биде едноставен и логичен за баналноста на оваа политика да ја доведеме до апсурдност. Ќе го поддржиме референдумот, ќе гласаме ,,за“ и што правиме потоа? Нема излез од таквата мерка и така ќе ја покажеме нејзината баналност.
„Граѓаните бараат програми и а не лаги со опашки за замајување на јавноста во Македонија“, изјави Заев.
До сега општинските совети на Кавадарци, Штип и Гази Баба донесоа одлуки за распишување референдуми против изградба на кампови за мигранти. Покренувањето на иницијативата за референдуми против бегалците е изборна стратегија на ВМРО-ДПМНЕ, која ги темпира така што да се поклопат со престојните локални избори на 15 октомври. На тој начин ќе може да се манипулира со граѓанското изјаснување.
Извесна нерегистрирана граѓанска иницијатива со име „Будење“, во која активисти се и општински службенци од ВМРО-ДПМНЕ и наставници во основни училишта, собира потписи во повеќе општини во земјава, против, како што велат, изградбата на станови за бегалци, кои државата планира да ги прими на своја територија.
Во транзитните центри во Гевгелија и Табановце во моментов живеат 40 мигранти, а 15 бегалци бараат азил во Македонија. Од министерството за труд и социјална политика за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека токму овие податоци покажуваат дека земјава е само транзитна зона на бегалците, па поради тоа нема никаква потреба од градење станови за нив.
П. ПЕЧКОВ