СДСМ ЌЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД РАБОТНАТА ГРУПА ЗА ИЗБОРНИОТ ЗАКОН АКО СЕ УКИНЕ ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕ

    СДСМ ЌЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД РАБОТНАТА ГРУПА ЗА ИЗБОРНИОТ ЗАКОН АКО СЕ УКИНЕ ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕСобранието на вчерашната седница ја утврди потребата од донесување на измените на Законот за Владата по скратена постапка, со што се отвора патот за укинување на моделот на преодна, односно техничка влада. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на СДСМ Венко Филипче вели дека укинувањето на техничката влада е автократски манир кој партијата нема да го прифати. На денешната прес-конференција во Собранието, тој кажа дека овој модел на владеење е единствен гарант за спроведување на фер и демократски избори и не смее да се укине.

    Филипче рече дека во услови кога власта има целосна контрола врз судството и кога не е познато како се користат податоците од системот „Безбеден град“, не смее да се дозволи отстранување на механизмите за контрола. Тој потсети дека законот беше донесен во 2016 година, но во 2018 година беше вратен токму на барање на Христијан Мицкоски и по тој модел беа организирани парламентарните избори во 2020 година.

    Според него, овој потег на актуелната влада е еднаков на начинот на владеење во периодот на Никола Груевски. Филипче најави дека доколку власта не го повлече решението и тоа помине на собраниската комисија, пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе престанат да учествуваат во работната група за изборниот закон.

    Собранието на вчерашната седница ја утврди потребата од донесување на измените на Законот за Владата по скратена постапка, со што се отвора патот за укинување на моделот на преодна, односно техничка влада. За предлогот гласаа 67 пратеници, додека 13 беа против.

    Со ова законско решение се предвидува елиминирање на досегашниот модел познат како Пржинска влада. Како што се наведува во образложението од Влада, која е предлагач, целта е да се обезбеди поголема стабилност, правна сигурност и заштита на јавниот интерес преку доследно заокружување на реформските процеси.

    Со Пржинскиот договор од 2015 година се предвидува сто дена пред парламентарните избори да се воспостави техничка влада, која треба да обезбеди фер и демократски избори.

    Во техничката влада, министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика ги предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието. Опозицијата, исто така, предлага дополнителни заменици-министри во уште три министерства.

    Се менува и премиерот, но тој се именува на предлог на актуелната власт.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира