СДСМ ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА ОСВОИ ПОМАЛКУ ОД 200.000 ГЛАСОВИ

    СДСМ ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА ОСВОИ ПОМАЛКУ ОД 200.000 ГЛАСОВИЛидерот на СДСМ Димитар Ковачевски во првиот круг од претседателските избори вчера гласаше во училиште во скопската населба Тафталиџе. (Фото: СДК.МК)

    Кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски вчера во првиот круг од претседателските избори освои 180.306 гласови (99,85% преброени), што е првпат во историјата на партијата да освои помалку од 200 илјади гласови на парламентарни и претседателски избори.

    Досега, најслаб резултат СДСМ имаше во првиот круг од претседателските избори 2009 година, кога тогашниот кандидат на социјалдемократите Љубомир Фрчкоски освои 202.691 глас. На парламентарни избори, СДСМ најслаб резултат имаше во 2006 година, кога освои 218.463 гласови.

    Најмногу гласови СДСМ на парламентарни избори има освоено во 2002 година, кога имаше 497.342 гласови. Најмногу гласови во прв круг од претседателски избори има освоено Киро Глигоров, кој освои 715.087 гласови во 1994 година.

    Пендаровски на претходните претседателски избори освои 322.581 гласови во првиот круг, а на претседателските избори во 2014 година освои 326.069 гласови во првиот круг. На последните избори во Македонија – локалните избори во 2021 година, СДСМ освои 239.214 гласови.

    Вториот круг од претседателските избори, како и парламентарните избори ќе се одржат на 8 мај. Во вториот круг од претседателските избори одат Пендаровски и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова, која освои 362.682 гласови (99,85% преброени).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира