СДСМ СО РЕФЕРЕНДУМОТ НАЈМНОГУ ГЛАСОВИ ИЗГУБИ ВО ПРИЛЕП И КИСЕЛА ВОДА, А НАЈМНОГУ ДОБИ ВО КАРПОШ И РАДОВИШ

    СДСМ СО РЕФЕРЕНДУМОТ НАЈМНОГУ ГЛАСОВИ ИЗГУБИ ВО ПРИЛЕП И КИСЕЛА ВОДА, А НАЈМНОГУ ДОБИ ВО КАРПОШ И РАДОВИШСДСМ, за разлика од гласовите што ги има добиено на локалните избори во 2017 година, има намалување над 20 илјади гласачи, но на ниво на држава, тоа намалување нема големо влијание во поместување на вкупниот број на гласови на партиите од владејачката коалиција кои водеа кампања „за“ на референдумот. - Од митингот на СДСМ во Прилеп три дена пред референдумот (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вкупно 666.743 граѓани или 36,91 отсто гласаа на неделниот референдум од запишаните 1.806.336 гласачи на Избирачкиот список. На прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, „за“ гласале 609.813 граѓани, или 91,46 отсто а „против“ гласале 37.700 илјади граѓани или 5,65 отсто. Неважечки ливчиња се 19.221.

    Редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК ги спореди резултатите на партиите кои учествуваа во кампањата да се гласа „за“ на референдумот со нивните резултати од локалните избори од октомври 2017 година.

    СДСМ, за разлика од гласовите што ги има добиено на локалните избори во 2017 година, има намалување од над 20 илјади гласачи, но на ниво на држава, тоа намалување нема големо влијание во поместување на вкупниот број на гласови на партиите од владејачката коалиција, кои го поддржаа референдумот. Во некои општини пак гласовите на партиите што тераа кампања „за“ на референдумот има зголемување од вкупниот број добиени на локалните избори. Зголемен е бројот на гласовите во скопската Општина Карпош, Гостивар, Радовиш, Центар Жупа и други помали општини.

    Во родниот град на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев Струмица, СДСМ има намалување од 2.205 гласови. – Заев на избирачко место во Струмица со сопругата и синот (Фото: Ѓ. Личовски)

    Споредбата е направена со споредување на резултатите на коалицијата предводена од СДСМ, ДУИ, Движењето Беса, Алијансата за Албанците и ДПА. На референдумот, ВМРО-ДПМНЕ апстинираше од гласање. Само дел од пратениците и од реформското крило на партијата излезе на референдумот.

    СДСМ најлошо помина на гласањето на референдумот во Прилеп, Битола, Струмица, скопската општина Кисела Вода, Свети Николе, а во скопската општина Карпош и во Радовиш имаше зголемување на бројот на гласовите за разлика од тие добиени на локалните избори.

    На референдумот, ако се спореди гласањето на локалните избори кои се одржаа во октомври 2017 година, СДСМ, во Прилеп добила 20.451 гласови „за“, или помалку 2.947 од советничката листа на СДСМ, која освои 23.398 гласови.

    И во родниот град на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев Струмица, има намалување на гласовите. На локалните избори СДСМ добил 18.206, а на референдумот доби 16.001, или намалување од 2.205 гласови.

    Во Битола, пак гласовите на СДСМ, плус коалицијата на албанските партии, кои тераа кампања „за“ на референдумот, кои вкупно беа 24.852, се помалку од добиените гласови на локалните избори, кога тие добија 28.233 гласови. Тоа се 3.381 гласови помалку.

    Во Свети Николе на референдумот гласаа „за“ 3.904 членови на СДСМ, или 1.281 помалку, од локалните избори кога советничката листа доби 5.185 гласови.

    Во Гостивар, СДСМ, ДУИ, Движењето Беса, Алијанса за Албанците и ДПА, пак вкупно на референдумот добија повеќе гласови, отколку на локалните избори. На изборите лани, добија 22.830, а на референдумот 25.200 гласови.

    Во скопската Општина Карпош и Радовиш, СДСМ доби повеќе гласови на референдумот отколку тие на локалните избори.

    Графикон со бројот на гласови „За“ на референдумот и резултатите на СДСМ на локалните избори минатиот октомври во дел од поголемите општини.

    На референдумот „за“ имаше 21.099 во Карпош и во Радовиш 6.331 гласачи. За локалните избори во овие општини СДСМ освои 19.941 и 5.473 гласови.

    Интересен е и резултатот во општината Росоман. Од сите општини во Република Македонија, во Росоман СДСМ доби ист број на гласови и на локалните избори во 2017 и на неделниот референдум, 945 гласови.

    И во Дебар референдумските гласови на партиите кои беа „за“, се зголемија отколку тие на локалните избори. На референдумот во Дебар гласаа „за“ 6831, а на локалните избори СДСМ, ДУИ, Движењето Беса, Алијанса за Албанците, и ДПА добија вкупно 5.649 гласови.

    Во Центар-Жупа на локалните избори СДСМ, ДУИ, и двете партии на Турците во Македонија, добија 1.906, а на неделниот референдум имаше 2.110 гласови кои заокружија „за“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира