Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 44-годишен скопјанец, осомничен дека запалил две дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје . Осомничен е дека сторил кривично дело Предизвикување општа опасност од член 288 став од Кривичниот законик.
„На 15 јуни околу пладне, на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје, пред Амбасадата на Република Бугарија, осомничениот со пожар предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери. На критичниот ден тој излегол од дома, се качил во автобус и дошол во центар, па од бензинската пумпа во близина на бугарската амбасада наполнил бензин во пластично шише. Потоа ја преминал улицата и се доближил до двете паркирани дипломатски возила во сопственост на амбасадата кои ги полеал со бензинот и ги запалил со запалка. Веднаш откако го предизвикал опожарувањето го напуштил местото на настанот“, соопшти Обвинителството.
Имајќи го предвид видот, карактерот и тежината на предметното кривично дело, фактот што било извршено врз две дипломатски возила на пладне, во центарот на Скопје, во период кога фреквенцијата на луѓе и возила во овој дел на градот е голема, јавниот обвиниел оцени дека постојат очигледни околности што укажуваат дека постојат условите за определување на мерката притвор и предложи на Судот да определи таква мерка за обезбедување во текот на постапката.
Македонската Влада вчера најостро го осуди „вандалскиот и недозволив чин на опожарување на возила со дипломатски статус“ во непосредна близина на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Ваквите постапки претставуваат напад врз принципите на безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право и не смеат да имаат место во демократска држава. Надлежните институции веќе преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителите. Како Влада сакаме да испратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран. Државата има капацитет и ќе одговори со целосна сила на институциите и нема да дозволиме поединци да ја нарушуваат репутацијата на Македонија. Очекуваме брза и ефикасна истрага, целосно расветлување на настанот и соодветна кривична одговорност за сторителите. Владата останува цврсто посветена на заштитата на сите граѓани и дипломатски мисии во земјата и на зачувувањето на стабилноста, безбедноста и добрососедските односи“, соопшти Владата.



