СЕ ИСТРАЖУВА ОДГОВОРНОСТ ЗА СЛУЧАЈОТ ВО КОЈ УЧЕНИЦИ ФРЛИЈА ДЕВОЈЧЕ НИЗ ПРОЗОРЕЦ ВО ШКОЛО, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

    СЕ ИСТРАЖУВА ОДГОВОРНОСТ ЗА СЛУЧАЈОТ ВО КОЈ УЧЕНИЦИ ФРЛИЈА ДЕВОЈЧЕ НИЗ ПРОЗОРЕЦ ВО ШКОЛО, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕНеприфатливи се сите форми на ученичко насилство иницирано од нетолерантност, избувливост, меѓусебни докажувања и слично, велат од МОН; - министерот за образование Арбер Адеми (Фото: Влада на РМ)

    Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека осудува секаков вид насилство во училиштата, поврзано со настанот од 28 септември во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во скопската Општина Аеродром, кога четворица ученици 14-годишната соученичка ја фатиле за рацете и нозете и ја фрлиле од прозорецот на училницата на приземје.

    „Осудуваме секој вид насилство во училиштата. Сакаме да ја информираме јавноста дека се преземени сите неопходни мерки во врска со конкретниот настан и дека истиот ќе биде целосно и брзо расчистен, по што ќе ја информираме јавноста за исходот. Државниот просветен инспекторат веднаш по добивањето на информациите, почна инспекциски надзор за утврдување на фактичката состојба и лоцирање на одговорност. По целосно завршување на постапката, инспекторите ќе подготват извештај, врз основа на кој ќе се донесат и одлуки за следните чекори и понатамошни постапки“, велат од МОН.

    Според соопштението од Министерството за внатрешни работи (МВР), случајот во полициската станица во Аеродром бил пријавен утрово во 7.50 часот од лицето Е. Ц. (50).

    „Лицето пријавило дека на 28 септември во периодот од 10.30 до 11 часот, во основното училиште ‘Ѓорѓија Пулевски’ во Скопје за време на малиот одмор, четири малолетни ученици ја фатиле за раце и нозе својата 14-годишна соученичка, го отвориле прозорецот од училницата на приземје и ја фрлиле на земја. Девојчето се здобило со телесни повреди. Родителите на малолетниците кои го извршиле нападот се повикани во полициска станица и се преземаат соодветни мерки и активности за целосно расчистување на случајот“, се вели во соопштението на МВР.

    Директорот на Државниот просветен инспекторат Томе Спировски, претходно за САКАМДАКАЖАМ.МК кажа дека случајот кај нив бил пријавен од таткото на девојчето уште во петокот, по што веднаш извршиле инспекциски надзор.

    „Записникот од инспекторот што беше на терен сè уште не е готов, односно не можам да кажам дали е утврдена одговорност кај вработените од аспект на тоа дали не се преземени соодветни безбедносни мерки. Кога ќе биде готов извештајот ќе излеземе со информација што е утврдено и какви мерки ќе преземеме“, вели Спировски.

    Според МОН, сите надлежни институции имаат должност да ги заштитат децата во рамки на образовниот систем.

    „А тоа и го правиме. Нашата заложба е преку законските одредби, системските мерки, и бројни проекти и активности, кои се реализираат во соработка со локалните самоуправи, странските и домашните партнерски организации, граѓанскиот сектор, самите раководства на училиштата и стручните психолошко-педагошки служби, родителите, наставниците и учениците е превенирање и искоренување на девијантните појави во училиштата. Неприфатливи се сите форми на ученичко насилство иницирано од нетолерантност, избувливост, меѓусебни докажувања и слично. Имаме нулта толеранција кон насилството и порака за мирно решавање на конфликтни ситуации, кои најважно да бидат навремено детектирани“, велат од МОН.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира