По дводневните разговори со министерката за надворешни работи Теодора Генчовска во Скопје, министерот Бујар Османи смета дека македонската страна успеала да ги образложи своите аргументи, но вниматело ги слушнала и бугарските. Тој рече дека има добра основа во натамошните разговори овие идеи да се обликуваат во „некакви конкретни решенија кои потоа ќе се обидеме да ги ставиме во пакет кој значи платформа за надминување на разликите“.
„Двете страни се охрабрени да продолжат, но имаме уште работа, а времето е кратко. И времето и квалитетот на решенијата се важни, квалитетот не смее да биде жртва на времето, треба да гарантира одржливост на односите за што сме сериозно заинтересирани и ќе се посветиме максимално тоа да го направиме. Решението што ќе се постигне треба да биде достоинствено и прифатливо за двете страни и не смее да остави една страна задоволна, а друга не, рече министерот за надворешни работи Османи.
Османи кажа дека вчерашниот инцидент, при што во подметнат пожар изгоре вратата на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, не влијаеше на поместување на динамиката и на атмосферата на разговорите со Генчовска и дека во разговорите имало доволно конструктивна атмосфера за да се направи обид за неутрализирање на предрасудите и стереотипите и за меѓусебно сфаќање на позициите.
„Имавме дводневни разговори, ги споивме овој викенд експертскиот тим и политичкото ниво на разговори во едно, имавме интензивни разговори и вчера и денеска претпладне за сите прашања во детали, за сите аспекти од прашањата. Можам да констатирам дека имаше конструктивни разговори во добра атмосфера, а инцидентот што се случи не влијаеше на поместување на динамиката и на атмосферата на разговорите. Овие разговори создадоа предуслови за интензивирање во наредните денови со цел, се надевам, да се изнајде некое решение. Имаше добар прогрес во претставувањето и разбирањето на позициите на двете страни. Се надевам дека наредните денови ќе продолжи оваа комуникација во различен формат, за тие размислувања да се обликуваат во конкретни предлози кои треба да бидат основа за решение“, рече Османи, одговорајќи на новинарски прашања по прославата во скопски Чаир со која неговата партија ДУИ одбележа 20 години постоење.