СЕ СТЕГА ОБРАЧОТ ОКОЛУ ЧАВКОВ, САМО ТОЈ НЕ Е СОСЛУШАН ЗА ПРОПУСТИТЕ НА ПОЛИЦИЈАТА НА 27 АПРИЛ

    СЕ СТЕГА ОБРАЧОТ ОКОЛУ ЧАВКОВ, САМО ТОЈ НЕ Е СОСЛУШАН ЗА ПРОПУСТИТЕ НА ПОЛИЦИЈАТА НА 27 АПРИЛПод чија команда бил директорот за јавна бебедност за да постапи крајно непрофесионално и нечовечки ќе треба да каже пред Комисијата во МВР, која нема да го затвори случајот без да го сослуша и него - Митко Чавков на Денот на полицијата 7 мај (Фото: СДК.МК)

    Експертската комисија во МВР што ја води истрагата за однесувањето на полицијата за време на насилствата во Собранието на 27 април требало да ја заврши работата минатиот петок и да ја лоцира кривичната одговорност. Но, директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков земал одмор и побарал да се пензионира, по што си заминал од неговиот кабинет.

    „Сите членови на оперативниот штаб со кој раководеше директорот Чавков се сослушани од страна на комисијата на МВР. Само тој не е сослушан“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК високи извори од МВР.

    „Случајот требаше да се затвори во петокот, остана уште Чавков да даде своја верзија за непостапувањето на полицијата на 27 април, кога во Собранието упаднаа насилници кои го демолираа Собранието, а повредија и натепаа околу 100-тина пратеници, членови на собраниското обезбедување, полицајци, новинари и граѓани. Мозаикот од досегашните изјави на членовите на оперативниот штаб, но и од раководните структури на специјалните сили на МВР, веќе е склопен. Обрачот се стега околу Чавков, кој повеќе од два и пол часа оставил да траат насилствата во Собранието и да се доведат во опасност човечки животи“, велат од МВР и додаваат дека и тој ќе биде викнат да ја каже својата приказна, па дури тогаш ќе се затвори постапката.

    Според она што било досега собрано како материјал од изјавите на раководството на Централните полициски сили (ЦПС), кои се по хиерархија директно под Чавков, а и на Единицата за брзо распоредување (ЕБР),  недејствувањето на полициските сили додека дивјаците им ги кршеа главите на пратениците кои не се од ВМРО-ДПМНЕ, било затоа што директорот и шеф на оперативниот штаб дал наредба три часа да не се дејствува во Собранието, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во МВР запознати со текот на внатрешната истрага.

    Оваа комисија е составена од луѓе кои работат многу години во Министерството, од тамошни советници и кривично – правни експерти, како и од вработени во Секторот за внатрeшна контрола. Тие веќе ги имале лоцирано бронзената, сребрената и златната командна одговорност, како што се нарекуваат во правилниците на МВР. Златната командна одгoворност е само на Чавков, како шеф на оперативниот штаб во МВР кој требало да ги следи безбедносните околности и ризици поврзани со протестите против формирање ново парламентарно мнозинство и нова влада. Негова е одговорноста затоа што не реагирал и не спречил какво било загрозување на безбедноста во и околу Парламентот.

    Заклучоците и препораките на Комисијата ќе одат кај министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, кој најави дека мора да има кривична одговорност за ова што се случи во Собранието на 27 април. Досиејата на Чавков и на останатите со командна одговорност, велат во МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК, ќе му бидат доставени на Јавното обвинитеслство.

    Под  чија команда бил Чавков за да постапи крајно непрофесионално и нечовечки велат соговорниците, ќе треба да каже пред Комисијата, која нема да го затвори случајот без да го сослуша и него.

    Во петокот, МВР суспендираше нови 15 припадници на Министерството за внатрешни работи бидејќи на 27 април за време на организираниот напад на Собранието не постапиле професионално. Меѓу суспендираните е и помошник-министерот Небојша Стајковиќ, кој е суспендиран поради нефункционирањето на системот за снимање на командите во министерството за внатрешни работи.

    По суспензијата, вчера реагираше Независниот полициски синдикат кој побара обвинителството да утврди одговорност и кај Митко Чавков како раководно лице на оперативниот штаб.
    „Нема да може да се спаси и без разлика на тоа што господинот Чавков се подготвува да замине од Бирото за јавна безбедност, а да ги остави луѓето кои се обични полицајци да страдаат и да ги остават нивните семејства надвор од можноста да имаат редовна плата“, изјави Гоце Делчев Тодев од Независниот полициски синдикат.

    Внатрешната контрола при МВР претходно имаше суспендирано пет полицајци-вработени во собраниското обезбедување бидејќи не го спречиле отворањето на вратите на Собранието при што демонстрантите влегоа во Собранието и беа повредени околу 100 пратеници, новинари, полицајци и вработени во Парламентот. Истрага во МВР за уште 30-тина припадници на Министерството за внатрешни работи за нивното однесување и постапување во инцидентите во Собранието.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира