Сините картони за лекување повторно се враќаат во употреба откако на здравствените електронски картички кои што беа издадени во 2011 и дел од 2012 година им истече рокот на важност од 5 години. Засега нема фирма која што ќе печати нови картички, па Фондот за здравство на осигурениците почна да им дели сини картони. Во подрачната единица на Фондот за здравство во Скопје, вчера граѓани чекаа да си ги подигнат картончињата, за да можат да се лекуваат и да купуваат лекови на рецепт. Вработените на шалтерите ни рекоа дека сите осигуреници на кои ќе им истече здравствената електронска картичка треба да појдат во подрачните единици на Фондот и да си ги подигнат сините картони.
Од Фондот за здравство вчера не добивме одговор од кога се вратени во употреба сините картончиња, до кога тие ќе важат и дали се планира повторно враќање во употреба на електронските здравствени картички.
„Од пред некој ден имаме нов менаџмент. Потребни ни се неколку дена за да се координираме со Министерството за здравство околу овој проект, па ќе ви одговиме на вашите прашања“ ни рекоа од Фондот за здравство.
Проблемот со печатење на картичките настана уште пред три години, кога истече договорот на Министерството за здравство со хрватската фирма АКД, која ги печатеше картичките. Тогаш дел од картичките останаа недопечатени, а целиот проект поранешниот министер за здравство Никола Тодоров го префрли на Фондот за здравство. Дополнителен проблем настана лани, кога важноста на картичките што беа испечатени 2011 година истече, бидејќи безбедносниот код на картичките е со важност од пет години. ФЗОМ тогаш овој проблем го реши така што договорија компанијата Индициум, фирма ќерка на хрватската компанија АКД да ги испечати овие картички, од оние што останале непотрошени од претходниот договор со хрватската фирма.
Тогаш истече важноста на околу 46.000 електронски здравствени картички, а беа испечатени и над 103.000 други картички, кои осигурениците ги платија, но дотогаш не ги добија. Поранешниот директор на ФЗОМ Сашо Стефановски лани за 73.000 евра ангажираше фирма консултант која требаше да го скенира системот и да каже кое најдобро решение за печатење на нови картички, со оглед на тоа дека со годините технологијата напредува и се менуваат безбедносните системи за вакви картички. Тој тогаш најави дека во ноември лани ќе распише тендер за избор на фирма што ќе ги печати картичките, за да не се случи годинава на осигуреници што им истекуваат картичките да останат без оваа електронска легитимација.
Министерот за здравство Арбен Таравари пред две недели кажа дека за да не останат над 500.000 граѓани без електронски здравствени картички до крајот на годината, ќе мора да се распише тендер за избор на фирма која што ќе печати нови картички.
А. АНТЕВСКА