СЕ ВРАТИ ПРВИОТ ОД 115-ТЕ ПАЦИЕНТИ КОИ СЕ ЛЕКУВААТ ВО СТРАНСТВО ПО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ

    СЕ ВРАТИ ПРВИОТ ОД 115-ТЕ ПАЦИЕНТИ КОИ СЕ ЛЕКУВААТ ВО СТРАНСТВО ПО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИДиректорот на Токсикологија рече дека според планот на Кризниот штаб, подготвени се повеќе тимови кои се составени од психијатри, психолози кои ќе работат со сите пациенти кои се лекуваат во државата и тие што ќе се враќаат од државите каде што биле трансферирани. (Фото: Принтскрин од видео)

    Во земјава денеска се врати првиот од 115-те пациенти кои се лекуваат во странство по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 октомври, кажа доцна попладнево директорот на Клиниката за токсикологија во Скопје, д-р Андон Чибишев. Тоа е пациент кој се лекувал во болница во Белград и ќе биде на опсервација на Токсикологија. Во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 59 лица, меѓу кои и 6 деца, речиси 200 беа повредени, од кои 25 деца.

    Д-р Чибишев изјави дека вратениот пациент од Србија е во сосема подобрена општа клиничка состојба.

    „Извесен период, неколку часа или можеби до утре ќе биде опсервиран на Клиниката за токсикологија. Во моментот се прават некои клинички иследувања. Тој е прегледан и е во сосема добра состојба, со добри клинички параметри. Ќе направиме некои наши иследувања за да бидеме сигурни дека можеме да го пуштиме дома да си оди кај семејството. Протоколот вели дека треба да земеме барем основна лабораторија, да направиме едно интервју за да видиме низ сè што прошол додека се лекувал таму. Доаѓањето во својата држава и дома, секако дека за него е, да не кажам, малку стресна состојба и ние не можеме веднаш да го пуштиме да си оди дома, туку ете малку тука ќе биде со нас, ќе се дружи со нашиот персонал, а во меѓувреме ние ќе ги направиме иследувања“, рече Чибишев.

    Директорот на Токсикологија рече дека според планот на Кризниот штаб, подготвени се повеќе тимови кои се составени од психијатри, психолози кои ќе работат со сите пациенти кои се лекуваат во државата и тие што ќе се враќаат од државите каде што биле трансферирани.

    „Психичката траума е голема и стресот е голем. На тие пациенти сигурно ќе им треба и психијатриска и психолошка поткрепа, рече Чибишев.

    Министерот за здравство Арбен Таравари утринава кажа дека денеска од скопските клиники и болници се испишуваат 12 пациенти и ќе останат 27 на лекување. Во странство се сега 114 пациенти, од кои 4-5 во критична состојба.

    Црвениот крст сооптши дека изврши исплата на средства на семејствата на починатите и повредените лица кои се лекуваат во странство. За секое лице е исплатено по 150.000 денари. Со исплатата вкупно се опфатени 58 семејства од починатите лица вклучувајќи го и починатиот возач на Брзата помош во Кочани, и 91 семејство од повредените лица кои се хоспитализирани во болниците во странство.

    „За две семејства од починатите лица и 24 семејства од повредените лица кои се лекуваат во странство се чекаат дополнителни податоци за да може да се изврши исплатата и за нив. Во тек е прибирање на податоци за повредените кои се лекуваат во државата“, соопшти Црвениот крст и додаде дека заклучно со денеска собрани се вкупно 61.852.758 денари (над милион евра).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира